Еврокомесарот Бретон поднесе оставка
Европскиот комесар за внатрешен пазар и француски кандидат за член на идната Европска комисија, Тиери Бретон денеска поднесе оставка на функцијата и ја повлече својата номинација за еврокомесар.
Во писмото на својата оставка упатено до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, што го објави на Икс, Бретон ја обвинува дека „го саботира“ и дека „создава неред“ за време на транзицијата кон новите институции на ЕУ.
Бретон во објавата тврди дека Фон дер Лајен и понудила на Франција „повлијателен ресор“ во новата Еврокомисија, доколку Париз предложи друг кандидат место него.
– Пред неколку дена, во последниот дел од преговорите за составот на идниот Колеџ, побаравте од Франција да ја повлече мојата кандидатура – поради ваши лични причини за што воопшто не разговаравте директно со мене, наведува Бретон во писмото до Фон дер Лајен.
Тој натаму потенцира дека во изминатите пет години како еврокомесар неуморно се стремел да го поддржува и унапредува „заедничкото европско добро над националните и партиските интереси“.
– Сепак, во светлината на овие најнови случувања – дополнително сведоштво за сомнителното раководење – морам да заклучам дека повеќе не можам да ги извршувам своите должности во Колеџот (на комесари).
Затоа поднесувам оставка од функцијата еврокомесар, која ќе стапи во сила веднаш, истакна Бретон.
Изминативе денови доаѓаа информации за тензии меѓу Фон дер Лајен и францускиот претседател Емануел Макрон околу потенцијалниот ресор што би го добил францускиот еврокомесар во новата Европска комисија.
Анонимен висок претставник на партијата на Макрон, Ренесанса (РЕ), во изјава за француските медиуми нагласи дека „Франција не е задоволна со надлежностите на ресорот“ што Фон дер Лајен му го доделила на Бретон.
Јавна тајна во Брисел е дека во односите меѓу Фон дер Лајен и Бретон „не цветаат рози“, за што сведочеа и неколкуте судири меѓу нив, од кои некои и јавни, во изминативе години.
Бретон дури жестоко ја нападна Фон дер Лајен откако Европската народна партија (ЕПП) пролетва реши да ја номинира за втор мандат на функцијата, а меѓу нив постоеја и несогласувања за некои кадровски решенија и политики.
По повлекувањето на Бретон, Франција ќе треба да предложи нов кандидат за еврокомесар, што се очекува дополнително да ја одолговлече постапката за избор на идната Европска комисија.
За утре е предвидено Фон дер Лајен да ги презентира предлог-составот на новата ЕК и распределбата на ресорите меѓу еврокомесарите пред членовите на парламентарната Конференција на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на ЕП, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи.
Но, повлекувањето на Бретон, како и се уште не завршената процедура за номинација на словенечката кандидатка за еврокомесарка Марта Кос, го доведува во прашање одржувањето на средбата.
Пред отпочнување на постапката за избор на новата Европска комисија, Фон дер Лајен побара од земјите членки на ЕУ да номинираат по еден мажи и една жена за кандидати за еврокомесари за да има можност да обезбеди родова рамноправност во идниот Колеџ на комесари.
Ова барање не важеше за земјите кои ги номинираа актуелните еврокомесари.
Но, освен Бугарија која позитивно одговори на барањето на Фон дер Лајен, останатите земји членки предложија по еден кандидат од кои мнозинството мажи.
Во такви услови, се појавија информации дека Фон дер Лајен побарала од „некои земји членки“ да ги заменат своите предложени кандидати мажи со жени, по што кандидатите на Романија и Словенија се повлекоа и наместо нив беа номинирани жени.
Европската комисија одби да ги коментира информациите дека Фон дер Лајен „вршела притисок“ врз некои земји за смена на кандидатите за еврокомесари повикувајќи се на принципот на доверливост на интерната коресподенција.
Ново на Сител
-
Народна банка со есенски макроекономски проекции
-
Редици граѓани пред „Борис Трајковски“ за подигнување на ваучерите за инвертери
-
СДСМ: Економските политики на Мицкоски се промашени
-
ВМРО-ДПМНЕ: СДС и ДУИ крајно нетранспарентно ги трошеле народните пари
-
Преглед на вестите од светот
-
Што очекуваат Македонците во Америка од Доналд Трамп?
-
Тема на денот со Васко Наумовски, поранешен амбасадор во САД
-
Трамп избран за претседател на САД