Македонија
19. December 2015 - 15:53

„Честитка за Дедо Мраз“ нова премиера на Народниот театар-Штип

„Честитка за Дедо Мраз“ е нова претстава за деца на Народниот театар-Штип, која  премиерно пред младата публика ќе биде изведена во понеделник. Преставата  е во режија на Драгана Милошевски-Попова, а е работена по текст на Весна Куслеска.

Режисерката Милошевски-Попова денеска на прес-конференција истакна дека претставата е работена професионално со актерската екипа и очекува да биде гледана.

- Приказната говори за довербата, говори и за пријателството, за сите важни нешта коишто секој детски сон го има. Не би откривала премногу што се случува, ќе имате прилика да видите, рече Милошевски-Попова.

Деветгодишната Емилија Ристевска, на која ова и е трета престава, ќе ја игра главната улога - Снежана. 

- Тоа девојче е многу осамено за Нова година, нејзините родители се на некоја новогодишна прослава. Можете да ги запознаете и другите ликови во претставата, како што се Малиот Принц, Принцезата Лу и други, рече  Ристевска.

Покрај неа, во претставата  учествуваат и: Марија Минчева, Виктор Арев, Елена Шорова, Валентина Ѓоргиевска, Нела Ангелова, Раде Рогожарев, Миланчо Ѓерогиев-Роне и Ефтим Трајчев. Дизајнот и видеоанимацијата се на Никола Ристов, а костимографијата на Андреј Ѓоргиевски.

Директорката на Центарот за култура „Ацо Шопов“ Наташа Маневска на прес-конференцијата истакна дека претставата е работена со сопствени средства. Годината ја завршуваат со две претстави финансирани од Министерството за култура и две кои ги финансираше самиот Центар за култура.