Македонија
28. April 2016 - 15:46

Собрани 3.000 книги во рамки на манифестацијата „Подарете книга за Велигденско јајце“

Обезбедени се нови 3.000 книги на 10-та традиционална манифестација „Подарете книга за Велигденско јајце - симбол на Христовото Воскресение“, што се одржа во Домот на култура „Илинден“. Книгите се наменети за Општинската библиотека Илинден и библиотеките во основните училишта од Илинден. 

На оваа манифестација, која ги обединува образованието, културата, уметноста, традицијата и религијата, годинава учествуваа голем број граѓани, преставници од бизнис секторот, издавачки куќи, научни институции, факултети и ученици, кои со дарувањето книги помогнаа да се збогати библиотечниот фонд на Општинската библиотека Илинден.

Симболично, како што информира општина Илинден, беа украсени 2016 црвени велигденски јајца и секој посетител што подари книга, за возврат доби црвено велигденско јајце.

На манифестацијата учествуваа повеќе македонски писатели, кои ја посетија и Општинската библиотека Илинден, во која поголемиот дел од книгите се обезбедени со оваа манифестација.

Во изминатите 10 години преку манифестацијата „Подарете книга за Велигденско јајце - симбол на Христовото Воскресение“ подарени се вкупно 30.000 книги наменети за Општинската библиотека Илинден и библиотеките во основните училишта.