Македонија
13. September 2022 - 12:34

Џафери во текот на денот се очекува да донесе одлука за иницијативата за референдум

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја добил иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување на референдум за поништување на Договорот со Бугарија и се очекува во текот на денешниот ден да донесе одлука во врска со уредноста, откако ќе ја разгледа, информираат собраниски извори за МИА.

Доколку одлуката добие „зелено“ светло, тогаш тој треба да ја проследи до Законодавно-правната комисија и матичната комисија, а тие треба да се изјаснат за нејзината уредност во рок од два работни дена, согласно член 191 став 2 од Деловникот на Собранието.

Ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е уредна, за тоа го известува овластениот предлагач, во случајот ВМРО-ДПМНЕ, во рок од три дена од добивањето на мислењето од работните тела.

Согласно член 192 став 2, ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата се става на дневен ред на првата наредна седница и Собранието со заклучок утврдува дали таа иницијатива е уредна. Претседателот на Собранието потоа го известува овластениот предлагач за заклучокот на Собранието во рок од три дена.

Во јавноста веќе се појавија информации дека можеби Џафери нема да ја прифати иницијативата, а според опозицијата, зад тоа ќе стојат владејачките партии.