Македонија
16. February 2016 - 19:08

Заев се сретна со известителите од Комисијата од СЕ

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во придружба на заменик претседателката Радмила Шекеринска и Рената Дескоска, пратеничка и потпретседателка на Собранието на Република Македонија попладнево се сретнаа со известителите на Комисијата за почитување на обврските и заложбите на земјите членки на Советот на Европа.

На средбата, како што соопштија од партијата, се разговарало за актуелната политичка ситуација во Македонија, спроведувањето на Договорот од Пржино и потребата од негова суштинската имплементација.

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, истакнал дека Договорот од Пржино е единствена можност за излез на Македонија од политичката криза и оти само негово целосно спроведување може да создаде услови за одржување на фер и демократски избори.

Додал дека без прочистување на Избирачкиот список и регулација на медиумскиот простор во Македонија не може да има фер, демократски и слободни избори.

 - Само со исполнување на овие два услови, во Македонија може да се спроведат фер и демократски избори коишто ќе обезбедат почитување на слободно изразената волја на граѓаните и пред се стабилност на државата, потенцирал на средбата претседателот на СДСМ Зоран Заев.