За трагедијата во Гевгелија, Лекарската комора ќе се заложи виновниците да бидат санкционирани

Лекарската комора на Македонија ќе ги преземе сите потребни мерки за да се утврди што се случувало во Одделението за гинекологија на Општата болница во Гевгелија каде трагично почина родилка и нејзиното неродено дете.
Во рамки на своите надлежности, Комората како професионална асоцијација ќе настојува да утврди и дали има лична одговорност за целата трагедија, а врз основа на тоа ќе реагира и ќе преземе соодветни мерки.
Лекарската комора на Македонија во денешното соопштение најостро ги осудува обидите на некои политички партии оваа трагедија да ја искористат за меѓупартиски пресметки и за политичко поентирање.
За Комората, се наведува во соопштението, е неприфатливо одговорноста да се генерализира и сите медицински институции и здравствени работници, да се обвинат за неодговорност и непрофесионалност.
- Како професионална асоцијација цениме дека е целосно неодговорно и крајно ниско ваква трагедија да се стави во функција на оцрнување на една професија и целокупниот здравствен систем, стои во реакцијата од Лекарската комора.
Лекарската комора, се подвлекува, го почитува правото на секој да изнесува свој став или мислење, меѓутоа цени дека работите несмеат да се генерализираат.
- Комората не бара амнестирање од вината за евентуалното непрофесионално однесување на докторите, меѓутоа цени дека треба да се бара одговорност од оние кои неодговорно се однесувале, кои го прекршиле кодексот на медицинската етика и деонтологија, кои загрозиле и го загрозуваат здравјето и животот на пациентите. Не е оправдано со ваквите исклучоци во ист кош да се ставаат илјадници доктори и здравствени работници кои крајно професионално, совесно и со несебично залагање им се посветени на професијата, на хипократовата заклетва, на пациентите и на решавањето на нивните здравствени проблеми. А такви, мора да признаеме, се најголем дел од доктори во Р. Македонија кои како мрежа ја покриваат целокупната територија на државата од главниот град, па се до руралните места со по неколку жители, се појаснува во соопштението.
Лекарската комора на Македонија изразува длабоко жалење и сочувствува со болката на семејството и блиските на починатата родилка и нејзиното неродено дете, а во согласност со своите ингеренции ќе ги преземе сите потребни активности и механизми за да се утврди одговорноста за оваа трагедијата со нанадоместливи последици. За Комората, се посочува во реакцијата, е неприфатливо некој да етикетира и да бара колективна вина и за случаи во кои има индиции за поединечна неодговорност и непрофесионалност.,
Како професионална асоцијација, истакнуваат од Лекарската комора, во рамки на нашите законски овластувањa, ќе се заложиме причините за оваа трагедија да се утврдат, а виновниците да бидат санкционирани согласно законите.
Ново на Сител
-

Муцунски: Нема да примаме мигранти, ниту одбиени баратели на азил од Обединетото Кралство
-

Поевтинуваат бенизите, цената на дизелот останува иста
-

Викендов на ГП Табановце, влегле над 36.000 македонски државјани
-

Дедо Мраз и супер херои од цртаните филмови им поделија пакетчиња на хоспитализираните на Детската клиника
-

Мицкоски објави инвестиција од 100 милиони евра во енергетиката
-

Авиосообраќајот на скопскиот аеродром се стабилизира, откажани осум лета поради магла
-

Муцунски: Во фокусот внатрешните реформи и достоинствено и соодветно решение со Бугарија
-

Божиновска: Нема да има никаква криза, државата има резерви на мазут
