Македонија
1. September 2016 - 9:24

„Вродена убавина 3“ на Елпида Хаџи - Василева во галеријата Остен

Во галеријата Остен вечер ќе биде отворена изложбата „Вродена убавина 3“ на Елпида Хаџи - Василева. 

Промовирани ќе бидат и двете графички мапи „Вродена убавина 3“ и „Просторни инсталации“ со кои Хаџи - Василева се вклучува во проектот на Остен - 70 графички мапи за 70 години Остен. Проектот почна минатата година, по повод седумдеценискиот јубилеј од основањето на Остен и има за цел формирање библиотека на графички мапи „Светско културно наследство“.

Изложбата „Вродена убавина 3“ е просторна инсталација - мембрани од свински желудници на црни основи.

Елпида Хаџи-Василева е родена во Македонија во 1971 година. Дипломирала при Школата за уметност во Глазгов 1996 година и добила мастер диплома на отсекот Скулпторство при Кралскиот Колеџ во Лондон 1998 година. Учествувала во многу интернационални изложби, вклучително L’H du Siege во Франција, Kilmainham Gaol Музејот во Даблин и три пати била претставник на Венецијанското Биенале. Има учествувано и во многу Европски програми за уметнички престој, ArtSway, Ирскиот Музеј на Модерна Уметност и Berwick Gymnasium Fellowship. Хаџи-Василева исто така има работено на јавни проекти и скулптурни просторни инсталации вклучително: “Ние Сме Сенки”, Unit2, Лондон; “Животен Циклус”, Бристол; ‘Re|Sort’ Галерија Фабрика, Брајтон; Ambush’, The New Forest. Живее во Лондон.