Македонија
9. March 2016 - 16:10

Во транзитниот центар кај Табановце има 1.015 мигранти

Во транзитниот центар кај Табановце има вкупно 1015 мигранти, а една поголема група од Авганистан се сместени речиси три недели, соопшти денеска координаторот на центарот, Горан Стојановски. 
 
- Состојбата засега е стабилна внатре во центарот, редовно се функционира нема некои посериозни проблеми внатре во центарот. Максимлано  се запазува и хуманиот третман и грижа и кон мигрантите кои се наоѓаат во меѓуграничниот простор, изјави Стојановски. 
 
Веќе трет ден 437 мигранти се наоѓаат во меѓуграничниот простор помеѓу Македонија и Србија. Денеска екипи на УНХЦР и други хуманитарни организации им доставија облека, ќебиња, хигиенски средства, храна и вода.
 
Мигрантите се сместени во шатори, претежно семејства со мали деца и постари лица. Тие изјавуваат дека сакаат да го продолжат патот кон северните земји, кон нивните крајни дестинации Германија и другите држави членки на ЕУ. 
 
- Сите хуманитарни организации се трудиме да им ги подобриме условите на бегалците во меѓуграничниот простор.Ние однесовме овошје,доста влажни марамици оти нема таму услови за оддржување на хигиена, изјави Крсте Михајловски од хуманитарна организација „Адра“.
 
Сања Росевска од Црвениот Крст изјави дека тимовите на Црвениот крст се 24 часа присутни во меѓуграничниот простор, а таму, подвлекува, се жалат најмногу на респираторни заболувања.