Македонија
6. May 2024 - 20:43

САД со визни рестрикции за раководители на бродски компании од Колумбија кои превезуваат нелегални мигранти

САД воведоа визни рестрикции против раководители на неколку транспортни компании од Колумбија кои превезуваат мигранти по морски пат.

Во соопштението објавено денеска се вели дека овие компании ловат ранливи мигранти со нудење сервиси чиј цел пред сѐ е овозможување незаконска имиграција во САД.

-Неколку компании обезбедуваат морски сообраќај и свесно овозможуваат незаконски транспорт на мигранти и ги изложуваат мигрантите на експлоатација и насилство, се вели во соопштението од американскиот Стејт департментот.

Оттаму наведуваат дека визните рестрикции промовираат одговорност за овие актери и испраќат сигнал дека никој не смее да профитира од ранливи мигранти, ниту криумчарите, ниту пак приватните компании или официјалните лица.

-САД ќе продолжат со мерките за визни рестрикции против безобѕирните сопственици на транспортни компании, раководители и службени лица како дел од пошироката стратегија за елиминација на практиките за експлоатација во рамките на и надвор од Западната хемисфера, и во соработка со партнери во владата и приватниот сектор, се вели во соопштението.

САД се судираат со историски зголемен приток на нелегална имиграција од Јужна Америка на американско-мексиканската граница. Проблемот со нелегалната имиграција е главна тема во предизборните кампањи во пресрет на претседателските избори закажани за во ноември, на кои најверојатно ќе учествуваат кандидатот на Републиканската партија Доналд Трамп и демократот Џо Бајден.