Во тек средбата на партиските лидери со Хан и тројката европратеници

Повеќе од пет часа трае заедничката средба на лидерите на четирите политички партии со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и европратениците Едвард Кукан, Иво Вајгл и Ричард Ховит, а најавената прес-конференција за исходот од разговорите е одложена неколкупати.
Заедничката средба за договор за излез од политичката криза во земјава на лидерите со Хан и пратениците на ЕП почна околу 17 часот.
Еврокомесарот и тројцата пратеници на ЕП ги започнаа разговорите со лидерите на партиите претпладнето. Најнапред во мисијата на ЕУ во Скопје тие се сретнаа со Ахмети и Тачи, а потоа во резиденцијата на ЕУ имаа одвоени средби со лидерите на СДСМ и на ВМРО, Заев и Груевски.
Ахмети на средбата што е во тек е придружуван од пратеникот Артан Груби, Тачи од Имер Алиу, Груевски од министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерот за здравство Никола Тодоров, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, а попладне им се приклучи и координаторот на пратеничката група Илија Димовски. Зоран Заев на средбите присуствува придружуван од Рената Десковска и Радмила Шекеринска. На средбите присуствуваат и амбасадорите на ЕУ и на САД во Македонија Аиво Орав и Џес Белји.
Еврокомесарот Хан и пратениците на ЕП дојдоа на денешните разговори во Скопје по неуспехот на преговорите за излез од политичката криза меѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во земјата.
Основа за постигнување конечен договор, како што велат од ЕК, е договорената рамка од 2-ри јуни што предвидува итни реформи во неколку области и одржување вонредни парламентарни избори најдоцна во април 2016 година.
Ново на Сител
-

Француските средношколци по средбата со Макрон повикаа на продолжување на протестите сè додека не се објават конкретни мерки
-

Николоски: Ја развиваме Брвеница со реализација на конкретни проекти
-

Трамп се закани со преземање на целата иранска нафта
-

11 ден протести во Тирана: Се бара безусловна оставка од Рама
-

Кошта: ЕУ ќе покрие две третини од дополнителните 70 милијарди евра за Украина
-

Постапка за измами на граѓани со т.н. „кубански вакцини“ - претреси на повеќе локации
-

Македонија утре на Јуниорскиот Евросонг: Од вечерва може да се гласа за Ана Стојаноска
-

Скопјанка измамена за сума од 117.000 денари од поранешен вработен во Катастар
