Во пресрет на посетата на Либан, папата Лав XIV отслужи миса во Ерменската катедрала во Истанбул

Пред денешното заминување во посета на Либан, папата Лав XIV утринава отслужи молитва во Ерменската апостолска катедрала во Истанбул, по што следеше литургија со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, духовниот поглавар на православните христијани ширум светот, чиј повик за одбележување на Соборот во Никеја беше причина за посетата.
Папата Лав влезе во ерменската катедрала и го пофали „храброто христијанско сведоштво на ерменскиот народ низ историјата, честопати во трагични околности“, алудирајќи на масовните убиства на Ерменците за време на Првата светска војна, пренесоа американските медиуми.
За разлика од папата Франциск, кој ги нарече злосторствата „геноцид“, предизвикувајќи силни реакции од Турција, Лав XIV беше дипломатски повоздржан во Истанбул, наведуваат западните агенции.
По посетата на Турција, Папата ќе го посети Либан каде што ќе одржи јавна миса на местото на експлозијата во Бејрут на 4 август 2020 година и ќе се сретне со преживеаните, а според извештаите, со посетата на Либан, Папата ќе го исполни ветувањето на папата Франциск, кој со години сакаше да го посети Либан, но не можеше поради лоша здравствена состојба.
Ватикан традиционално го смета Либан, земја каде што околу една третина од населението се христијани, за клучна точка за христијанскиот опстанок на Блискиот Исток.
„Светиот Отец доаѓа во многу тежок момент за Либан и регионот. Посетата на папата е знак на надеж. Покажува дека Либан не е заборавен“, рече епископот Јован, грчко-католички надбискуп на Бејрут, нагласувајќи дека граѓаните се плашат од иднината и од можна нова војна со Израел.
Пред пристигнувањето на папата, Хезболах го повика папата да ја осуди „неправдата и агресијата“ со која се соочува земјата и ги повика поддржувачите да се соберат по патот по кој ќе помине папскиот конвој.
Исто така, христијаните во Сирија ја поздравуваат посетата на папата на Блискиот Исток со надеж.
Делегација од околу 300 сириски христијани патува во Либан на средба со папата и за мисата на брегот на Бејрут.
„Ни треба некој како папата да ни донесе надеж во време кога се плашиме од иднината. Би сакале папата да ја посети и Сирија, за да го охрабри нашиот народ и да покаже дека источните христијани се уште се присутни и дека ние припаѓаме на овие области“, рече еден од членовите на сириските христијани што патуваат во Либан.
МИА
Ново на Сител
-

Николоски на „Фејсбук“: Одлична вест за македонските транспортери
-

Приведен дилер од гостиварско за издржување затворска казна, спроведен е во затвор за издржување на казната
-

Руската армија најави тридневни воени вежби за ракување со нуклеарно оружје
-

Отпуштања на 14 отсто од админстрацијата како мерка за штедење на Нов Зеланд
-

Рускиот претседател Путин во официјална посета на Кина
-

Петмина убиени во пукотница во џамија во Сан Диего, двајца од мртвите се осомничени извршители на нападот
-

Скопје домаќин на Форумот на стратегијата на Европската унија за Јадранско-јонскиот регион
-

Руските сили пресретнале и уништиле 315 украински дрона, трет дрон уништен пред Москва
