Венчавка на младенците на Галичката свадба

Во рамки на традиционалната Галичка свадба денеска ќе се одржи венчавката на овогодинешните младенци Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски. Нивната венчавка што ќе се одржи во црквата „Свети апостоли Петар и Павле“ во Галичник, со извршување на вековните свадбени обичаи и обреди, е и централен настан на манифестацијата.
Денот на венчавката, ќе почне со традиционалните обичаи „канење на мртвите“, „канење на кумот“, „бричење на зетот“ и „тргнување по невеста“, како и карактеристичниот обичај на Галичката свадба - „гледање низ прстен“. По испраќањето на невестата и дарувањето, ќе следува венчавањето во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“. Настанот ќе заврши со свеченото испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, кое го означува симболично затворање на свадбената церемонија.
Годинашните невеста и зет Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски на прес-конференцијата пред одржувањето на манифестацијата истакнаа дека учеството на галичката свадба за нив претставува исполнување на животниот сон. Јован е потомок на старото галичко семејство Филипоски и, како што рече, уште од мал мечтаел да биде зет на Галичката свадба.
-Оваа традиција треба да се негува. Мене ми беше пренесена од моите баба и дедо, а потоа и од моите родители кои секоја година учествуваат и се дел од традицијата. Честа е огромна и се надевам дека што повеќе посетители ќе дојдат и ќе ја видат оваа убава традиција, изјави Филипоски.
Невестата Михајлоска рече дека честа е голема, но, исто така и одговорноста доследно да се пренесе традицијата.
-Огромна чест и задоволство е што сме избрани за невеста и зет, се чувствуваме среќно и гордо. Но, истовремено, голема е одговорноста доследно да се пренесе оваа традиција, веруваме дека сѐ ќе помине во најдобар ред, рече Михајлоска.
Галичката свадба почна во петокот во амфитеатарот пред чешмата Упија со монодрама во чест на Ѓорѓија Пулевски и 150 години од издавањето на неговиот „Речник на три јазика“ (Тријазичникот), со настап на актерот Рубенс Муратовски. Текст за претставата „Ја, Ѓорѓија Пулески – роден су од камен“ е напишан од Миле Бошњаковски и е на автентичен мијачки говор. Режисер на монодрамата е Бојан Трифуновски.
Вчера се одржаа свадбарските обичаи - пречек на тапаните, китење и поставување на свадбениот бајрак, симболичното „фрлање пушка“ од куќата на зетот и изведбата на свекрвиното оро.
Впечатлив момент беа ората кои го симболизираат печалбарството и непокорот на луѓето од овој печалбарски крај - „Невестинското“ и „Тешкото“ на националниот фолклорен ансамбл „Танец“, на платото пред чешмата Упија. Во вечерните часови невестата, придружувана од свадбарите одеше да полни вода - обичај поврзан со семејната среќа.
Институционален покровител на „Галичката свадба“ е претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, поддржувач е Министерството за култура и туризам, а „Пивара Скопје“ веќе 50 години е партнер во организирањето на манифестацијата.
Целата програма ќе биде емитувана на видеоекран поставен на централното плато во селото Галичник, а ќе биде емитувана и во живо на социјалните мрежи. За оние што ќе присуствуваат на настанот, во текот на двата дена од викендот во Галичник ќе има посебен сообраќаен режим. Организаторите повикаа на одговорно однесување, особено во консумирањето алкохол и грижата за природата.
Ново на Сител
-

Мицкоски: Остануваме на стратегијата за дата центри, светот ова ќе го развива, прашање е ние дали ќе го препознаеме моментот
-

Казни до 10.000 евра за трговците кои не се придржуваат на одлуката за намалување на цените на училишниот прибор
-

Почина Ратко Младиќ
-

Продолжува негативниот прираст - 1 005 помалку родени од умрени во второто тримесечје
-

Мицкоски: Донесовме одлука за намалување на цените на училишниот прибор за да го олесниме товарот врз семејниот буџет
-

Жена пронајдена почината во стан во Скопје
-

16-годишно девојче нападнато од нејзиниот 28-годишен партнер
-

Шестмесечно бебе донесено починато во Поликлиниката Драчево
