Усогласен Буџетот на ЕУ за 2026 година

Преговарачите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент рано изутринава постигнаа договор за Буџетот на ЕУ за 2026 година, кој би требало да се фокусира на исполнување на приоритетите на Унијата и на справување со тековните предизвици.
Во усогласениот Буџет, вкупно 192,768 милијарди евра се предвидени за „обврски“, а 190,092 милијарди евра во „исплати“. Дополнително уште 715,7 милиони евра од Буџетот за оваа година ќе бидат префрлени во следната за непредвидливи потреби и трошоци. „Обврските“ се трошоци за активности што се спроведуваат во текот на неколку финансиски години, а „исплатите“ опфаќаат расходи за обврски само за тековната година.
Се очекува Буџетот на ЕУ за следната година да ја зголеми конкурентноста, да ја зајакне одбранбената подготвеност на Европа, да обезбеди поддршка за хуманитарна помош, да се справи со миграциските притисоци, како и да овозможи брза и ефикасна реакција на непредвидени потреби и кризи.
Од вкупните средства за „обврски“ за ставката „единствен пазар, иновации и дигитални технологии“ се предвидени 22,163 милијарди евра, за „кохезија, отпорност и вредности“ – 71,65 милијарди, за „природни ресурси и животна средина“ – 56,529 милијарди, за „миграција и управување со границите“ – 5,019 милијарди, за „безбедност и одбрана“ – 2,814 милијарди, за „соседство и светот“ – 15,6 милијарди, за „јавна администрација“ – 13,278 милијарди и за „специјални инструменти“ – 5,716 милијарди евра.
Во делот на „исплатите“ за „единствениот пазар, иновации и дигитални технологии“ се наменети 23,337 милијарди евра, за „кохезија, отпорност и вредности“ – 73,167 милијарди, за „природни ресурси и животна средина“ – 52,577 милијарди, за „миграција и управување со границите“ – 3,888 милијарди, за „безбедност и одбрана“ – 2,253 милијарди, за „соседство и светот“ – 16,57 милијарди, за „јавна администрација“ – 13,278 милијарди и за „специјални инструменти“ – 5,022 милијарди евра.
Вкупните средства за „обврски“ се на ниво од еден отсто од БДП на ЕУ, а „исплатите“ на 0,99 проценти од европскиот БДП.
Со усогласениот Буџет за следната година, во однос на првичниот предлог на Еврокомисијата, зголемени се средствата се програмата за научни истражувања „Хоризонт Европа“, за транспортните и енергетските мрежи, за цивилната заштита и за земјоделство.
Инаку, ова е шести годишен Буџет во рамките на Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2021-2027 година.
Сега Советот и Европскиот парламент имаат рок од 14 дена формално да го одобрат постигнатиот договор за Буџетот за 2026 година.
Според најавите, Советот на ЕУ треба да го одобри Буџетот на 24 ноември. За усвојување на Буџетот потребно е квалификувано мнозинство во рамките на Советот.
Во Европарламентот предвидено е Комитетот за буџет да се изјасни по предлогот на 20 ноември, по што тој би требало да биде усвоен на пленарната парламентарна сесија, што ќе се одржи од 24 до 27 ноември во Стразбур.
МИА
Ново на Сител
-

Етна повторно исфрла пепел, илјадници туристи блокирани на Сицилија
-

МВР и Фондот за здравствено осигурување: Надминат проблемот со здравственото осигурување на вработените
-

Јаневска: Учебниците ќе бидат навреме доставени, вештачката интелигенција треба да се користи етички во образованието
-

Пронајден револвер со куршуми во скопско, лишено од слобода едно лице
-

МВР: Граѓаните да не отвораат лажни пораки, наводно испратени од „Безбеден град“ и да не споделуваат лични податоци
-

Во пресрет на Светскиот ден на органодарителство, едно семејство со хумана одлука спаси два живота
-

ЦУК: Активни два пожара на отворен простор, изгаснати 12 до 18 часот
-

Ѓорѓиевски: Скопје има безбедна вода за пиење
