Loading Video...
Свет
11. August 2026 - 16:28

Преглед на вестите од светот

Разорен земјотрес со јачина од 7,4 степени според Рихтер ја погоди Колумбија. Над 160 луѓе загинаа, стотици се повредени, а над 180 се водат за исчезнати под урнатините.

Најпогоден е градот Кали, со околку два милиони жители. Цели станбени комплекси се срамнети со земја. Преживеаните жители ноќта ја минаа на отворено, собрани околу огнот меѓу остатоците од нивните домови.

„Погледнете ја оваа куќа која стои цела, така требаше сите да изгледаат. Споредете ја со оние што ги видовме претходно и ќе видите огромна разлика. Останат сум без зборови. Ова е многу жалосно.“

Колумбискиот претседател Абелардо Де Ла Естриела прогласи состојба на национална катастрофа и ги мобилизираше сите расположливи воени и полициски сили. Пожарникарите успеаја да извлечат живи луѓе, но алармираат дека оштетувањата на болниците и училиштата дополнително ја компликуваат ситуацијата.

„Засегнати се повеќе делови од градот, со тешки структурни оштетувања. Имаме болници и училишта кои се сериозно погодени. Целата противпожарна служба на Кали е распоредена со сите капацитети, се обидуваме да стигнеме до секоја локација и да провериме дали има знаци на живот.“

Земјотресот во Колумбија е 10-ти со магнитуда над 7 степени според Рихтер кои се случија само оваа година.

Смртна казна за поранешниот претседател на Сирија, Башар ал-Асад. Судот во Дамаск донесе историска одлука по 14-годишната крвава граѓанска војна, и одлучи Асад да биде обесен, прогласувајќи го за виновен за низа тешки воени злосторства, мачења и масовни убиства на цивили.

„Во името на арапскиот народ на Сирија, Судот едногласно одлучи: Прво, да го прогласи за виновен бегалците-обвинет Башар ал-Асад за кривично дело убиство со умисла, убиство на повеќе од едно лице, намерно убиство на деца помлади од петнаесет години и акт на мачење... и го осудува на смртна казна.“

Сепак, Асад по неговото соборување во декември 2024 година избега во Москва. Покрај него, на смрт беше осуден и неговиот роднина и поранешен шеф на безбедноста во Дераа, Атеф Наџиб, кој единствен присуствуваше во судницата. Сиријците излегоа пред Палатата на правдата славејќи ја пресудата како прв чекор кон правдата.

„Оваа пресуда ја сметаме за прв вистински и важен чекор на патот на транзициската правда во модерна Сирија. Нашата цел е да го одржиме принципот на неказнивост за сите кои сториле злосторства.“

Асад беше на чело на Сирија цели 24 години, уште од јули 2000-та. Тој го наследи својот татко Хафез ал-Асад, со кого заедно владееја цели 53 години, од 1971-та..

Поради страв од можен ирански напад, американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец на аеродромот во Турција со камион за катеринг бил префрлен од еден во друг авион, открија американските медиуми.

Иако пред камерите беше прикажано дека тој се качува во „Ер-форс 1“, Трамп тајно бил префрлен во друг, помал авион.

Оваа необична операција за заплетување на трагите била активирана по добиени сериозни и верни закани за атентат од страна на иранските власти. 

Иако Белата куќа првично објави дека претседателот патува со стандардниот авион кон Велика Британија, новинарите во авионот добиле необична наредба да ги спуштат ролетните на прозорците.