Тројца загинати, десетици повредени во вчерашната железничка несреќа во југозападна Германија

Три лица загинаа, а околу 50 се повредени, од кои 25 тешко, во железничката несреќа што се случи синоќа во близина на Ридлинген, во сојузната покраина Баден-Виртемберг, соопштија германските власти.
Меѓу загинатите се машиновозачот и уште еден вработен во државната железничка компанија Дојче Бан. Несреќата се случи околу 18:10 часот кога најмалку два вагони од регионален воз на линијата RE 55 излетаа од шините.
Возот се движел од Зигмаринген кон Улм, на околу 45 километри југоисточно од градот, кој се наоѓа на границата со Баварија. Во моментот на несреќата во регионот имало силно невреме и се испитува можноста за свлечиште како можна причина за несреќата, соопшти полицијата од Улм.
Фотографии од местото на настанот покажуваат искршени гранки и откината оска од возот на работ од пругата. Спасувачките екипи се обидуваа да извлечат патници од делумно превртени вагони, додека во позадина се слушале крици.
Генералниот директор на Дојче Бан, Рихард Луц, најави дека денеска ќе го посети местото на несреќата за да се информира од прва рака и да им се заблагодари на службите. Тој изрази сочувство до семејствата на загинатите и им посака брзо оздравување на повредените.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, премиерот на Баден-Виртемберг Винфрид Кречман и министерот за внатрешни работи Томас Штробл, кој исто така беше на теренот, изразија шок и сочувство.
Железничкиот сообраќај на делницата меѓу Мундеркинген и Зигмаринген е прекинат на неопределено време.
МИА
Ново на Сител
-

Тема на денот со Весна Пусиќ, поранешна министерка за надворешни работи на Хрватска
-

Во Скопје протест за поддршка на командантите од УЧК
-

Партиски препукувања за темата со мигрантите
-

СДСМ: Партиски кујни на ВМРО-ДПМНЕ за лажни вести
-

ВМРО-ДПМНЕ продолжува со напади кон Спасовски
-

Франција ја блокира Црна Гора на патот кон ЕУ
-

Може ли да се укине ветото како механизам?
-

За една година згаснале околу 5.400 фирми, објави Централниот регистар
