Трамп најави средба со Путин во Саудиска Арабија

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не е практично Украина да стане членка на НАТО и дека е малку веројатно да ја врати целата своја територија од 2014 година. Оваа негова позиција ја изнесе во Белата куќа пред новинарите, а откако оствари последователни телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Трамп откри дека очекува средба со Путин во иднина, веројатно во Саудиска Арабија, и ја оцени нивната комуникација како „добра“. Од Москва соопштија дека разговорот со Путин траел околу 90 минути, а Киев информира дека разговорот со Зеленски траел околу еден час.
Кремљ потврди дека двајцата лидери се договориле да се сретнат, а Путин го поканил Трамп во Москва, иако има и сугестии за средба во трета земја, како Саудиска Арабија или Обединетите Арапски Емирати.
Претходно, американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изјави дека враќањето на Украина во границите пред 2014 година е „нереалистично“ и дека администрацијата на Трамп не смета дека членството на Киев во НАТО може да биде дел од решението за војната. Американскиот претседател ги потврди овие ставови. Сепак, Трамп истакна дека Вашингтон ќе продолжи да испраќа воена и финансиска помош на Украина, но „сакаме да биде осигурана“.
Трамп вели дека верува оти Путин „сака мир“, додавајќи дека е уверен дека рускиот претседател сака да го види крајот на војната.
– Сакаме да ставиме крај на таа војна, таа војна е катастрофа, рече Трамп.
Тој посочи дека не планира набрзо да ја посети Украина, но не исклучи таква можност во иднина.
Во контекст на меѓународните дипломатски напори, претстојниот Минхенски безбедносен форум ќе биде сцена за важни разговори. Украинскиот претседател Зеленски ќе се сретне со американскиот потпретседател Џеј Ди Ванс, додека американскиот државен секретар Марко Рубио и специјалниот пратеник за Украина и Русија Кит Келог ќе отпатуваат за Киев по конференцијата. Европските лидери инсистираат Украина и Европа да бидат целосно вклучени во мировните преговори.
Три години по почетокот на руската инвазија во 2022 година, конфликтот и натаму трае, а според аналитичарите, воената реалност не дозволува брзи решенија.
Ново на Сител
-

Америка го суспендира издавањето на иселенички визи за 75 земји, на списокот и нашата земја
-

Апел за помош - Исчезнат е Златко Максимовски
-

Со василичарско оро и палење на маските заврши Вевчанскиот карневал
-

Мицкоски: Најдовме своевиден компромис за Законот за прекршоци, а за техничката влада сме согласни да се укине
-

МОН: Ја јакнеме инклузијата со влезот во Европската агенција за посебни потреби и инклузивно образование
-

Заврши лидерската средба
-

УЈП: „Мој ДДВ“ не се укинува, налозите за исплата во февруари се подготвуваат
-

Ѓорѓиевски: Целосна реконструкција на фонтаната „Лотос“ и уредување на плоштадот околу неа
