Македонија
17. February 2016 - 15:49

Со јавно приватно партнерство ќе се надградува уличното осветлување во Ресен

Општина Ресен денеска потпиша договор за спроведување јавно приватно партнерство со турската компанија „Џемдаг“ за реконструкција, надградба и одржување на системот за јавно осветлување во општината.

Според одредбите на договорот, кој денеска го потпишаа градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски и директорот на „Џемдаг“ Ибрахим Суха Џем, компанијата треба да изврши комплетна замена на постојните 2.400 живини и натрумови светилки со современи лед диоди, кои ќе гарантираат заштеда на електричната енергија од минимум 60 проценти и ќе придонесат кон зачувување на животната средина.

Оваа комапнија, како што информира Стрезовски, е избрана за најповолен изведувач на електронската аукција, а соработката е на 15 години

- Приватниот партнер за тој период ќе го одржува системот, ќе формира кол- центар каде граѓаните ќе ги пријавуваат евентуалните дефекти на системот, а кои според договорот ќе се отклонуваат во рок од 48 часа. Предвидена е и надградба на системот за улично осветлување на влезовите во Ресен од правец на Царев Двор и Јанковец, истакна Стрезовски.

Вредноста на договорот, додаде тој, е 1.250.000 евра кои Општина Ресен ќе ги исплаќа кон приватниот партнер во период од 15 години, а средствата ќе бидат обезбедени од генерираните заштеди на електрична енергија кои континуирано ќе се прават во наредниот период.

- Активностите треба да почнат веднаш по потпишување на Договорот, а по завршувањето на административно- техничките подготовки, некаде од средината на идниот месец се очекува да се пристапи кон замена на светилките на целата територија на Општина Ресен. Со воспоставување на овој систем, граѓаните на Преспа ќе добијат значително подобрување на квалитетот на осветлувањето, речиси целосно елиминирање на честите дефекти на системот кои досега се јавуваа, како и навремено отклонување на евентуални такви појави во иднина, нагласи Стрезовски.

Проектот го окарактеризира како еден од најважните за Општина Ресен кој ќе се реализира годинава и заедно со проектот за реконструкција на градскиот водовод се главната оска на инвестицискиот бум од над 5 милиони евра инвестиции кои се планира да се реализираат во 2016 година.

Директорот на „Џемдаг“ изрази благодарност за дадената можност и очекува дека соработката со општина Ресен ќе придонесе за доаѓање и на други турски инвестироти во општината.

- Почестен сум дека ќе имам можност да го осветлам ова преубаво место. Ќе заштедиме доста енергија со овој систем и ќе направиме прекрасно осветлување за овој убав град Ресен. Ќе имплементираме најсовремена технологија која се користи секаде во светот и ќе заштедиме повеќе од 60 проценти од енергијата што сега се троши, рече Џем.

Компанијата Џемдаг е основана во 1968 година во Турција и мометално произведува 500.000 светлички единици наменети за јавно осветлување на годишно ниво, а своите продукти ги пласира на глобалниот пазар од Тајланд до САД.