Свет
29. November 2026 - 10:57

Шпанија денеска избира нова власт

Шпанците денеска излегуваат на гласачки места за да одлучат дали да му дадат на социјалистичкиот премиер Педро Санчез, еден од последните преостанати левичарски лидери во Европа, уште еден мандат или да ја предадат власта на конзервативната опозиција, на која можеби ќе ѝ треба поддршка од екстремната десница за да формира влада.

Евентуален пораз за Санчез би можел да донесе екстремно десничарска партија во националната влада за првпат по смртта на Франциско Франко во 1975 година и враќањето на демократијата три години подоцна. Таквиот исход во исто време би одразил поширок тренд на зајакнување на екстремната десница низ цела Европа во атмосфера на загриженост околу имиграцијата.

Екстремнодесничарската партија „Вокс“ се залага за построги контроли на имиграцијата, децентрализација на државните власти, пониски даноци и укинување на бројни прогресивни социјални политики.

Избирачките места ќе се отвораат во 9 часот утрово и ќе се затворат во 20 часот, кога ќе бидат објавени анкетите спроведени во последната недела од кампањата. Првите резултати се очекуваат приближно еден час подоцна. За мнозинство во парламентот, во кој има 350 претставници, потребно е да се освојат 176 мандати.

Санчез, кој владее од 2018 година со кревка малцинска коалиција, распиша предвремени избори тврдејќи дека му е потребно парламентарно мнозинство откако парламентот ги отфрли прописите што тој ги предложи за справување со влошената криза со домувањето.

Изборната кампања беше обележана со дискусија за сосема различни предлози за решавање на проблемите со зголемувањето на кириите и иселувањата. Харизматичниот Санчез во петокот тврдеше дека внатрешните анкети покажуваат дека може да обезбеди мнозинство со поддршка на помалите левичарски партии, иако повеќето анкети сугерираат дека централно-десничарската Народна партија (ПП) заедно со крајнодесничарската Вокс би можеле да освојат мнозинство.

Некои анкети покажаа дека Социјалистичката партија (ПСОЕ) на Санчез се приближува до ПП, но на сметка на крајната левица, чии гласачи се разочарани и чија поддршка повторно би му била потребна за да формира влада. Коалицијата на ПП и „Вокс“ се смета за најверојатен исход од изборите, иако тоа би подразбирало тешки преговори за распределба на министерските портфолија.

Аналитичарите веруваат дека „Вокс“, во зависност од бројот на освоени мандати, би можел да одлучи да ја поддржи Народната партија без да влезе во владата. Нема формален рок за коалициски преговори пред првото гласање за доверба на кандидатот за премиер, но ако ниту еден кандидат не добие доверба од парламентот во рок од два месеци од првото гласање, автоматски се распишуваат нови избори.

Санчез ја опиша можноста за коалиција меѓу Народната партија и „Вокс“ како „чекор назад“. Овие две партии веќе владеат заедно во четири шпански региони. Санчез истакнува дека под негово водство, Шпанија стана една од најбрзо растечките економии во Европската унија, благодарение на зголемувањето на минималната плата и реформата на пазарот на трудот, што ја намали стапката на невработеност на најниско ниво за речиси две децении.

Меѓутоа, дел од Шпанците тврдат дека не ги чувствуваат придобивките од овие економски успеси поради зголемувањето на цените на домувањето, енергијата и стоките за широка потрошувачка. Економскиот раст е поттикнат од имиграцијата, а економистите стравуваат дека антиимиграциските политики на потенцијална десничарска влада би можеле да го забават растот.

Санчез се спротивстави на преовладувачкиот европски тренд со тоа што ги истакна економските придобивки од имиграцијата во време кога повеќето европски земји се обидуваат да ги заострат своите гранични контроли. Народната партија (НП) најавува забрана за масовно легализација на статусот на мигрантите, овозможувајќи им враќање во трети земји и воведување систем на поени за легална имиграција. „Вокс“, пак, сака да ги депортира странците осудени за кривични дела и да им даде приоритет на Шпанците при распределбата на становите.

Во случај на пораз на Санчез, само три земји од ЕУ - Данска, Литванија и Малта - би имале лидери од централно-левичарската партија. Репутацијата на Санчез е нарушена од низа корупциски скандали во кои се вклучени негови блиски соработници и членови на семејството, како и низа кризи, вклучувајќи две фатални железнички несреќи, мигрантската криза во северноафриканската енклава Сеута и прекин на електричната енергија на национално ниво.

Додека Санчез се соочува со обвинувања за лошо управување, неговиот главен ривал, лидерот на НП, Алберто Нуњез Феихо, се обидува да се прикаже како технократ со внимание на деталите. Санчез е исто така критикуван за амнестија на каталонските лидери кои се залагаат за отцепувањето на Каталонија од Шпанија во замена за нивната поддршка за неговиот избор за премиер по изборите во 2023 година, на кои Народната партија освои најмногу гласови, но не успеа да обезбеди мнозинство.

МИА