Шефицата на дипломатијата на Гренланд по средбата со Венс и Рубио: Притисокот беше неподнослив

Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Моцфелд, едвај ги задржа солзите за време на преносот во живо на гренландската телевизија КНР веднаш по средбата со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио во Белата куќа.
Видливо потресена, со раката на градите и треперење на гласот, Моцфелд зборуваше за огромниот психолошки притисок под кој била во последните денови. Како што рече, настаните што се одвиваа беа „премногу за една личност“.
„Последните неколку дена беа исклучително тешки. Притисокот постојано се зголемуваше и се подготвувавме за секое можно сценарио“, рече министерката признавајќи дека се обидела да им ги пренесе на американските претставници стравот и неизвесноста што ги зафатиле жителите на Гренланд поради честите и отворени пораки што доаѓаа од Вашингтон.
На состанокот присуствуваше и данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, кој подоцна призна дека делегацијата не успеала да ја промени позицијата на Соединетите Американски Држави.
Расмусен отворено изјави дека е јасно оти претседателот Доналд Трамп сè уште сака да го преземе Гренланд. „Никогаш не очекував дека ова може да се промени во еден разговор“, рече данскиот министер за надворешни работи. Единствениот конкретен исход од состанокот, рече тој, е договор за формирање работна група на високо ниво, која ќе се обиде да се справи, како што рече, со „загриженостите“ на американскиот претседател. Сепак, тој нагласи дека нема гаранција оти иницијативата ќе даде резултати.
Во меѓувреме, властите на Гренланд, соочени со зголемен притисок, ја менуваат тактиката. Пораката што сè повеќе се слуша од Нуук е дека сега не е време за коцкање, туку за претпазливи и промислени потези.
Доналд Трамп во последните недели постојано повторуваше дека Гренланд, поради својата стратешка локација и богатството на минерални ресурси, е клучен за безбедноста на Соединетите Американски Држави. Тој тврди дека Вашингтон мора да има контрола врз островот за да ги спречи Русија или Кина да го прошират своето влијание таму. Во исто време, тој рече дека сите опции се на маса, што предизвика сериозни превирања и загриженост во рамките на НАТО.
МИА
Ново на Сител
-

Вештачење за „Онкологија“: Несоодветни терапии и хемотерапија во терминална фаза
-

Ниту една лабораторија нема опрема за испитување на забранети супстанци во детски играчки, алармира ДЗР
-

АХВ: Се повлекуваат серии Аптамил формули за доенчиња, граѓаните кои ги купиле да ги уништат или вратат
-

Посебен сообраќаен режим во Скопје поради посетата на косовскиот премиер Курти
-

Велешката полиција лиши од слобода двајца возачи, поради управување со активна забрана им ги одзела возилата
-

Домашната градежна оператива лани со намалена работа во странство
-

Каматната стапка на благајничките записи останува 4 проценти
-

Во Штип минатиот месец во три наврати се заловувани кучиња скитници, граѓаните може да пријавуваат во Општината
