Се проширува акцијата за нелегален увоз на филери и ботокси, приведени повеќе лица

Во рамки на постапка за организиран илегален увоз и дистрибуција на медицински средства што се користат при естетски зафати, под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, полицијата спроведува обемна и координирана акција на повеќе локации низ државата.
Од Обвинителството информираат дека акцијата ја реализира Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, при што се вршат интензивни претреси и се обезбедуваат лица за кои постои сомневање дека се инволвирани во случајот.
Станува збор за истрага во која постојат основи на сомневање за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“, како и „примање поткуп“.
„До овој момент се обезбедени повеќе лица, но поради обемот и сериозноста на случајот, акцијата се проширува со нови претреси и приведување на други инволвирани лица“, соопштуваат од Обвинителството.
Претходно, според неофицијални информации, во акцијата биле приведени повеќе од десет лица осомничени за нелегален увоз и дистрибуција на ботокс и филери, меѓу кои дерматолози, вработени во здравствени установи и сопственици на приватни ординации.
Истражните органи се сомневаат дека групата на организиран начин набавувала медицински препарати без соодветни дозволи и контрола, по што истите биле дистрибуирани и користени во естетски зафати.
При претресите, како што беше објавено, биле пронајдени и одземени значителни количини медицински препарати, пари, мобилни телефони, како и луксузно возило.
Надлежните најавуваат дека по завршување на дејствијата ќе бидат соопштени повеќе информации за текот на постапката и евентуалните мерки што ќе бидат побарани пред судот.
Ново на Сител
-

Нов повик за финансиска поддршка на мали претпријатија
-

ВМРО-ДПМНЕ: Советот на обвинители да го испита работењето на Абази
-

Уште две девојчиња пријавиле недолично однесување на наставникот од Штип
-

Преглед на вестите од светот
-

Владата ќе ги продолжи мерките за горивата кои истекуваат во понеделник
-

Панел дискусија на Меѓаши: Треба да се превенира, а не само да се реагира откако ќе се случи врсничкото насилство
-

Тема на денот со Ивица Боцевски, екс вицепремиер и амбасадор
-

Прв сериски убиец за фемицид во Македонија, 4 убиства и два обида за убиство
