Балкан
23. April 2016 - 12:34

САД влегуваат во операцијата на НАТО за бегалците во Егејското Море

Катимерини - Атина

САД се вклучуваат на највисоко ниво во односите со Турција, за да бидат деблокирани сите дејствија на НАТО во Егејското Море за сопирање на бегалските текови, а американското учество се предвидува да биде фокусирано на појужните морски реони и посебно на југ од островот Икарија.

Истовремено, со тоа на ниво на постојани претставници на НАТО Американците побарале од Грција нивно вклучување во дејствијата на алијансата во Егејското Море да биде со авиони и бродови, како и со личен состав, а тоа да биде во источниот дел од таа акваторија.

Според дипломатски извори, на 12 април постојаниот претставник на САД во НАТО, Даглас Лут, го посетил грчкиот колега Михалис Диамесис во Брисел, за да го информира меѓу другото дека американскиот претседател Барак Обама лично врши притисок врз претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, за да се согласи да биде даден акцент на натовската операција и тој акцент да е поврзан и со областа на Додеканезите (групата од 12 острови во Егејското Море).

Лут на Диамесис му рекол дека САД сериозно размислуваат на можноста да учествуваат за остварување на активноста на НАТО во Егејското Море.

Поконкретно, според она што Лут му го кажал на својот грчки колега, САД имаат намера на прво место да учествуваат со еден брод, кој ќе учествува во патролите на НАТО.

Исклучително интересен квалитетен момент од американската понуда е учеството со разузнавачки беспилотни тела за набљудување кои ќе летаат над грчките острови и ќе бидат насочени кон турскиот брег.

Се смета дека на тој начин ќе се создаде претстава за можните дејствија по турското крајбрежје. Со беспилотните летала ќе се собираат и разменуваат електронски информации за трите страни кои учествуваат во натовската операција - Грција, Турција и Фронтекс.

Доказ за значењето кое Американците го даваат на оваа операција е дека се тие склони да распоредат и жива сила, или поконкретно службеници од американската крајбрежна одбрана, кои ќе бидат распоредени на бродовите на сите присутни сили во реонот (Грција, Турција, Фронтекс), со цел да се олесни заедничкото дејствување во однос на блокираните бегалци и мигранти во реонот.

Истите извори истакнуваат дека Американците пројавиле интерес и во врска со затегнатоста на границата меѓу Грција и Турција. Во однос на тоа беа потврдени сознанијата дека од 3 април за ставеното турско „вето“ за присуството на натовски бродови на југ од островот Икарија, како и за немирот кој царува во централата на НАТО во врска со недостигот од ефикасност од дејствијата на двете страни во реонот во соработка со алијансата.

Со ваквата ситуација очигледно е запознает и генералниот секретар на НАТ, Јенс Столтенберг, кој наскоро се очекува да го посети реонот.

Силите на НАТО се присутни со вкупно пет бродови, меѓу кои еден турски и еден грчки, иако на почетокот беа седум бродови. Од нив, еден француски отплови од Егејското Море, а друг канадски, веќе учествува во натовската операција во Црното Море и се наоѓа во Бугарија, или поточно во реонот на пристаништето Варна.