Свет
8. December 2023 - 8:02

Претседателот на Иран ги обвини Израел, Западот и САД за подршка на геноцидот врз Палестинците во Газа

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси, во разговор со Владимир Путин во Москва, ги обвини Западот и САД дека го поддржуваат геноцидот врз Палестинците во Појасот Газа.

Путин рече дека е многу важно да се разговара за ситуацијата на Блискиот Исток, особено на палестинските територии, пренесе Ројтерс.

Раиси, исто така, го обвини Израел за злосторства против човештвото врз Палестинците во Појасот Газа.

Претседателот на Иран рече дека е неопходно што поскоро да се прекине израелското бомбардирање на Појасот Газа, како и дека е неопходно итно да се најде решение за овој конфликт.

Раиси изрази жалење бидејќи, како што наведе, меѓународните организации не покажале ефикасност во решавањето на израелско-палестинскиот конфликт.

Ројтерс наведува дека Иран ја поддржува палестинската милитантна група Хамас, која владее со Појасот Газа и дека Русија има односи со сите клучни актери на Блискиот Исток, вклучувајќи ги Хамас и Израел.

Израел денеска повтори дека цел на неговите воени акции е Хамас.

САД изразија силна загриженост за зголемената воена соработка меѓу Москва и Техеран.

Кремљ минатиот месец соопшти дека Русија и Иран развиваат меѓусебни односи, вклучително и во областа на воено-техничката соработка, но одби да го коментира предлогот на Белата куќа дека Иран можеби размислува да испрати балистички ракети во Русија.