Џет-Сет
18. May 2017 - 12:47

Премиера на „Вонземјанин:Завет“, ФХ3Х работеа на ефектите

„Вонземјанин: Завет“, продолжение на филмот „Прометеј“ од 2012 година, на дел од чии ефекти работеше македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х од вечер ќе почне да се прикажува во Скопје.

Станува збор за новиот проект на режисерот Ридли Скот, работен според сценарио на Џон Логан и Данте Харпер. 

Кристијан Даниловски, ко-сопственик и еден од основачите на ФХ3Х изјави дека на филмот работеле со тим од околу 110 артисти во периодот од ноември минатата до јануари оваа година.

- Фановите на жанрот научна фантастика со особено нетрпение го исчекуваат овој филм, како што се исчекува и секој нов проект на Ридли Скот. Освен што е продолжение на филмот „Прометеј“ од 2012 година, ова е шести дел од филмскиот серијал „Вонземјанин“. Верувам дека сите ќе уживаме, изјави Даниловски.

Носители на главните улоги се Мајкл Фасбендер, Кетрин Ватерсон, Били Крадап, Дени Мекбрајд и Демиан Бишир, кои на вселенскиот брод наречен „Завет„ се упатуваат кон планетата Ориџ 6, со намера да ја колонизираат со 2000 патници на бродот и преку 1.400 ембриони. Но, неутронски шок бран го оштетува бродот и додека екипажот се обидува да го поправи, добиваат сигнал на емитувана порака од Елизабет Шо, како последица на катастрофалната мисија „Прометеј“. Наспроти отпорот на дел од екипажот, сепак се донесува одлука да се истражи потеклото на сигналот од блиската навидум ненаселена планета.

Премиерата на „Вонземјанин: Завет“ е вeчер во киното „Синеплекс“ во 20 часот.