Пожарот во Алберта се заканува да се прошири на двојно поголема територија
Канадските власти стравуваат дека големиот пожар што го зафати Форт Мекмари може да се прошири на двапати поголема територија до крајот на денот, а во меѓувреме продолжува евакуацијата на жителите од работничките кампови, северно од тој град во Алберта, познат по нафтениот песок.
Полицијата и армијата и денеска ќе го надгледуваат конвојот од стотици возила со илјадници раселени лица, а ќе продолжи и евакуацијата со авиони.
Еден ден откако 8.000 луѓе го напуштија градот во пламен, кој почна да се шири уште минатата недела, властите вчера објавија дека до крајот на вчерашниот ден се очекува евакуација на уште 5.500, а денеска треба да бидат евакуирани 4.000 лица.
Повеќе од 80.000 луѓе беа принудени да го напуштат Форт Мекмари, каде што огнот уништи 1.600 куќи и згради.
Владата на провинцијата Алберта, која прогласи вонредна состојба, објави вчера дека обемот на пожарот се зголемил на околу 1.000 квадратни километри, но засега нема пријавено мртви или повредени.
Шефот на службата за спречување пожари во Алберта Чед Морисон рече дека постои голема можност обемот на пожарот да се удвои до крајот на денешниот ден.
Тој изрази очекување пожарот да се прошири на оддалечените области под шума, североисточно од Форт Мекмари.
- Денеска се очекуваат екстремно суви услови, со температура од 27 Целзиусови степени, со силни ветрови, рече Морисон, додавајќи дека без оглед на тоа колку ресурси се користат, нема да биде доволно за пожарот да се изгасне, туку е потребен дожд.
Канадските метеоролозите предвидуваат 40 отсто шанси дека утре ќе има пообилни врнежи, а во недела и понеделник се очекуваат постудени услови.
Ново на Сител
-
Последен ден за кампања - пораки на кандидатите
-
Парламентарни избори 2024
-
Седница на ДИК за приговори од граѓани за лично избирачко право
-
Производителите на зелка бараат обештетување поради ниската откупна цена
-
Евростат: Невработени во март биле 13,2 милиони лица во Унијата, на Германија до 2035 ќе и фалат 7 милиони работници
-
Преглед на вестите од светот
-
Последен ден од кампањата - Партиите и коалициите со завршни митинзи
-
Над 200 болни и 203 затвореници утре ќе гласаат во Штип