Бизнис
11. September 2015 - 12:17

По 24 пат „Денови на кочанскиот ориз“ во Кочани

Од 18 септември до 4 октомври годинава на повеќе локации во општина Кочани ќе се реализираат содржините од годинашната програма на 24-та стопанско културна манифестација „Денови на кочанскиот ориз“. Одоборот за организација на манифестацијата и градоначалникот Ратко Димитровски ја презентираа програмата во која има книжевни, ликовни, фолклорни содржини, промоција на книги и традиционална жетва на ориз со срп на оризова нива на село.

- Манифестацијата започнува на 18 септември со изложба на уметнички слики од кочанскиот ориз во Етно куќата во Кочани, а вечерта на летната сцена на НУ центар за култура „Бели мугри“ ке биде одржан целовечерен концерт на КУД „Мирче Ацев“ од Скопје. На 24 септември во салата на Мултикултурниот центар ќе се одржи концерт на квартетот флејти „Аулос“, а на 26 септемеври во изложбениот салон на НУ Центар за култура „Бели мугри“ ќе биде отворена изложбата на дела од Ликовната колонија „Св Пантелејмон 2012-1015“, истакна градоначалникот Ратко Димитровски.

Во наредните денови  во ЈОУ Библиотека „Искра“ ќе биде отворена изложбата на наградени фотографии на Музејот на Македонија, а во салата на Мултикултурниот центар ќе се одржи манифестацијата „Младите творат за оризот“, со учество на млади поети, музучки и ликовни творци. На летната сцена поред Центарот за културата ќе се одржи традиционалната манифестација „Избор на жетварска убавица“, а ќе биде промовирана и монографијата за кочанскиот ориз.

На „Оризова бела вечер“ концерт ќе одржи Елена Ристеска и кочански музички групи. На летната сцена пред Центарот за култура ќе се одржи целовечерен концерт со настап на фолклорни ансамбли од Македонија и странство, учесници на Деновите на кочанскиот ориз, истакнува Димитровски.

Завршниот дел од манифестацијата, според Димитровски, ќе биде во недела на 4 октомври кога предпладне на оризовите полиња во село Прибачево ќе се одржи обичајот зажнејување на ориз на нива и вршидба на гумно со ѕевгар. На оваа манифестација во село Прибачево ќе биде прогласен и најдобриот млад земјоделец во општина Кочани, а се предвидени и настап  Евто Пупиновски, фолклорни ансамбли и групи, како и дегустација на јадења од ориз.