Македонија
20. December 2017 - 14:43

Отворена новата полициска станица во Ѓорче Петров

Преку вложување во условите за работа, техниката и во човечки ресурси во полицијата, можеме да гарантираме безбедност и на граѓаните и на државата, порача денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на отворањето на новиот објект на Полициската станица во Ѓорче Петров во која дел од просториите ќе ги користи и Противпожарната единица од оваа општина.

- Министерството за внатрешни работи од својот буџет издвои 44 милиони денари. Објектот е комплетно опремен со сите инфраструктурни работи што се потребни за една полициска станица, како што е пристапот за возилата на полицијата, граѓаните, за лицата со инвалидитет,... истакна Спасовски.

Информираше дека вакви проекти ќе бидат реализирани и во иднина, меѓу кои се ПС во Јегуновце, во Куманово, реконструкција на ПС во Струга, на железнички премин „Богородица“ и други.

Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, кој потпиша Меморандум за соработка за пробна примена на комуникацискиот систем Тетра со министерот Спасовски, рече дека овој објект е од голема важност за градот, меѓу другото, и поради тоа што во просториите ќе биде и Противпожарната единица од овој реон во која ќе бидат сместени три противпожарни возила со пожарникари кои ќе ги опслужуваат. Појасни дека Тетра ситстемот ќе овозможи еден комуникациски канал кој ќе биде поврзан за безбедносните прашања на територијата на Градот Скопје, односно онаму каде што ќе биде потребна за каква било интервенција за безбедност или за здравјето на граѓаните, полицијата и итната медицинска помош ќе можат да ги добиваат повиците на една линија.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Наумовски информираше дека на местото на старите полициските бараки во општината ќе изгради паркинг простор за возилата од околните згради, додека пак просторот кај старата Противпожарна единица ќе биде преуреден во зеленило.