Македонија
21. јуни 2023 - 13:17

Османи до Кралот Чарлс Трети: Благодарни сме за тридецениската поддршка на Северна Македонија од Обединетото Кралство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера во Лондон присуствуваше на приемот за шефовите на делегации во палатата Сент Џејмс каде што присуствуваше и Неговото Величество Кралот Чарлс Трети.

Како што соопшти денеска МНР, Османи изрази голема благодарност до Кралот Чарлс Трети за одличните политички и економски односи што Обединетото Кралство и Северна Македонија ги градат во изминатите три декади соработка.

-Оваа година одбележуваме јубилеј - три декади од воспоставување на нашите дипломатски односи. Ќе продолжиме и во иднина овие односи да ги градиме во духот на меѓусебното пријателство и силно партнерство, напиша Османи по средбата со Кралот Чарлс Трети.

Османи и Кралот Чарлс Трети се осврнаа и на неговата историска посета на земјава во 1998 година.

Османи денеска во Лондон ќе учествува на Конференцијата за закрепнување на Украина.