Македонија
27. April 2024 - 16:38

Животот како пред еден век

Селото Рилево со децении останува да биде единственото село во Општина Долнени каде нема асфалтен пат. Жителите велат дека ги делат само 4 км. од цивилизацијата која за нив изгледа толку далеку. Лани во декември со сопствени средства и мала помош на општината успеале да постават тампон но него веќе започнува да го уништува водата и дождвите. Поради лошиот пат тука ретко доаѓала Итна помош, такси превозот им барал прескапи цени, а лани за малку ќе се запалело и целото село поради лошиот пат.

„Пожарот за краток период сењ приближи до првите куќи од населеното место, беа тргнати 2 против пожарни возила од Прилеп. Но од Ропотово до Рилево им требаше да стигнат 50 минути до местото на пожарот. Патот беше во катастрофална состојба, нерамен, странично затворен. Такси превоз доаѓа со надокнада од 1.500 денари од Прилеп до тука. Брза помош прво прашуваат за симптомите на болниот или изнемоштениот и ако оценат дека е итен случај пак ќе ги чекаме 1 час да дојдат. Претежно се организираме со сопствени возила за дса го пренесеме болниот до Ургентниот центар во Прилеп“, вели Злате Ѓорѓиоски, претседател на месна заедница во с. Рилево.

Револтирани се на политичарите од кои се чувствуваат заборавени.

„Ни сугерираат немаме гласачи таму, немаме луѓе кои ќе ја поддржат нашата политика. Е па господа нашите гласачи се наоѓаат во ИЕ 1, во ИЕ 2, во ИЕ 4. Мештаните кои останале да живеат тука и не се иселиле не смеме да ги заборавиме и да дозволиме во овој век да живеат на овој начин“, додаде Ѓорѓиоски.

Леб им носат само 2 пати неделно. Ако го изедат побрзо ќе треба пешки да одат и по 5 км. за да купат.

„Ако земете помалку леб ќе го изедеш побрзо или ако ти дојдат гости исто побрзо ќе го изедеш и ќе немаш, па ќе мора пешки да одиш до Ропотово за да си купиш“, истакна Стојан Јосифоски, жител на село Рилево.

Бараат итна помош од државата за да спречи комплетно уништување на ова село.