Организацијата на Ѓоковиќ со тужба до АТП, ВТА, ИТФ и ИТИА
Организацијата за заштита на играчи основана од Новак Ѓоковиќ и Васек Поспишил поднесе тужба против управните тела на професионалниот тенис, со што дополнително ја интензивира својата борба за обезбедување подобри права за тенисерите.
Здружението на професионални тенисери (ПТПА), кое се бори за промени надвор од системот, сега презема правни мерки против АТП турнејата, ВТА турнејата, Меѓународната тениска федерација (ИТФ) и Меѓународната агенција за интегритет на тенисот (ИТИА).
Жалбата се состои од цели 163 страници и е поднесена во Окружниот суд на САД за јужниот округ на Њујорк, со 12 сегашни и поранешни играчи именувани како тужители, вклучувајќи ги Поспишил, Ник Киргиос и Сорана Кирстеа. Се тврди дека раководните тела систематски ја потиснуваат конкуренцијата, манипулираат со структурите на наградниот фонд и наметнуваат рестриктивни системи за рангирање што ги спречуваат играчите да бараат алтернативен приход. Во тужбата се обвинува и ИТИА за кршење на правата на играчите преку инвазивни анти-допинг и антикорупциски практики.
Во соопштението за објавување на тужбата, ПТПА ја опиша правната постапка како неопходен чекор по повеќегодишни неуспешни обиди за донесување реформи.
- По долгогодишни напори со добра волја за реформирање на професионалниот тенис, ПТПА презеде решителна правна акција. Тужбите откриваат системски злоупотреби, антиконкурентни практики и грубо непочитување на благосостојбата на играчите кои опстојуваа со децении, се вели во соопштението.
Во тужбата, чија копија ја доби „Гардијан“, се наведува дека раководните тела функционираат како „картел“ кој спроведува ригиден економски систем кој вештачки ги одржува ниски приходите на играчите. Тоа укажува на пример од Индијан Велс, каде што милијардерот Лери Елисон, сопственик на турнирот, беше спречен да ги зголеми паричните награди поради прописите на АТП и ВТА. Тужителите тврдат дека овој систем ги спречува турнирите да се натпреваруваат за таленти и ги принудува играчите на нефер договори.
Системот за рангирање е уште една главна точка на расправа. Тенисерите заработуваат бодови за рангирање само со учество на турнири организирани од АТП и ВТА, кои според ПТПА ги принудуваат да работат на неодржлив распоред од 45 недели годишно. Дополнително, управните тела наметнуваат клаузули и парични казни за играчи кои учествуваат на алтернативни турнири.
Покрај финансиските прашања, тужбата ја истакнува и загриженоста за благосостојбата на играчите. ПТПА тврди дека раководните тела го занемаруваат здравјето на тенисерите со тоа што ги принудуваат да се натпреваруваат на екстремни жештини и доцна во ноќта, наведувајќи ги неодамнешните инциденти на Австралија Опен и УС Опен.
ИТИА, која е одговорна за анти-допинг и антикорупциски истраги во тенисот, е обвинета дека работела со ниско ниво на одговорност, подложувајќи ги играчите на нападни претреси на нивните лични уреди, повторени допинг тестови и долги испрашувања без адвокат. Тужбата сугерира дека овие мерки се користат повеќе за контролни цели отколку како вистински напори за одржување на интегритетот во спортот.
Ново на Сител
-
Македонските граѓани кои планираат да патуваат од аеродромот во Тирана, на 15 и 16 мај треба да пристигнат 3 часа пред летот
-
Македонија ги дозна можните ривали за квалификациите за СП 2027
-
Мерц: ЕУ ќе воведе построги санкции кон Русија доколку неделава во Истанбул нема напредок во преговорите
-
Рјабков: Русија и Украина би можеле во Истанбул да разговараат за одржлив мир
-
Сакајте се така ќе ги сакате и другите | Даниел Трбогазов | Личен развој |Sitel Podcast 094
-
Зеленски: Путин се плаши од директни преговори со мене
-
Кривична пријава против измамник од Скопје, измамил две лица за над 100.000 евра
-
Владата ја усвои информацијата за набавка на инсулин и друга медицинска терапија за дијабетичарите