Македонија
23. December 2021 - 14:33

Одрон оштети куќа во кумановската населба Перо Чичо

Четириесет и петгодишната кумановка Вера Трајковска и нејзината повозрна сосетка бараат помош од надлежните институции да се санира штетата во нивните куќи од одронот на карпа кој се случил на 19 декември. Направил сериозна штета во домот на Трајковска, која живее на улицата „Ѓорче Петров“ во кумановската населба Перо Чичо.

– Беше страшно, звучеше како земјотрес. Кога станав, комшиите почнаа да викаат дека се сруши карпа, навистина беше страшна глетка на 19-ти, на празник Свети Никола, во шест часот наутро. Среќа беше што не се подготвував за на работа, рече Трајковска.

Таа бараше помш од надлежните институции кои изглегле на терен, сликале и кажале дека ќе ја информираат Општината. Но засега, тврди Трајковска, нема никаква повратна информација.

-Оштетени се двете бањи, терасата, сите елементи, машина, мијалник целиот инвентар, раскажува Трајковска, која 45 години живее во оваа куќа и досега не видела слично нешто.

Домот ѝ е без вода, затрупан е водомерот, стравува да не дојде до поголем одрон. Таа пријавила во РЦУК Куманово, од каде  велат дела ги известиле Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е запознат со проблемот, одржана била седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување и е донесен заклучок. Комисијата излегла на терен и ја проценила штетата.

Димитриевски изјави дека објектот е од категоријата диво изградени, непрописно изграден и на подрачје на градот кое е со повисок ризик од одрони. Посочи и дека не е прв ваков случај во градот.

-Ќе се обидеме во следниот период да ангажираме фирма која ќе го расчисти сето тоа, што се однесува до карпата и одронот, а дополнително и преку Црвен крст Куманово реагиравме да се однесе еднократна помош на загрозеното семејство. И ние, како општина, стоиме на располагање на ова семејство да им ги намалиме материјалните загуби. За среќа, немаме човечки жртви или друг тип на оштетувања, освен материјални. Сочувствувам со семејството, но, сепак, кога се работи за непрописно градење, самата природа си го зема својот данок, изјави Димитриевски.