Македонија
30. August 2021 - 14:34

Објавен јавен повик за прибирање идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро

 Градоначалникот на Охрид, Констанин Георгиески на  прес-конференција соопшти дека денеска е објавен јавен повик за прибирање идејни решенија за уредување на плажите на Охридското Езеро. Можат да учествуваат сите физички и правни лица, регистрирани за вршење на дејност поврзана со предметот на повикот.

-Целта на повикот е вклучување на стручната јавност и граѓаните во процесот на утврдување на активностите и дејствијата за уредување на плажите на крајбрежјето согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство, препораките на УНЕСКО како и постојните законски прописи, рече Георгиески.

Конкурсот е анонимен и секој учесник има право да учествува со еден труд, а крајниот рок за поднесување на идејните решенија е 29 септември 2021 година, до 13:00 часот. Доставените решенија, како што рече, ќе бидат доставени на увид пред јавноста и соодветната стручна комисија со цел избор на најсоодветно решение. Идејните решенија за уредување на плажите треба да бидат изготвени согласно проектната задача и постојните прописи.

– Уредувањето на плажите на Охридското Езеро ќе се врши согласно препораките и насоките од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскот регион, како и останатата законска регулатива со која се регулирани. Плажите согласно планот, се дефинирани во прва В зона, од првата заштитна зона, која го опфаќа Охридското Езеро и неговиот крајбрежен појас во хоризонтална проекција со ширина од 50 метри сметано од граница на КП 1/1 КО Охридско Езеро, рече Георгиески.

Тој информира дека во уредувањето треба да се применат автохтони материјали, како што се дрво, камен, стакло, а се забранува употреба на: метал, лим, бетон, бекатон, армирано-бетонски и челични конструкции и ѕидови од камен. Во рамки на повикот, кој веќе е објавен на Општинската веб-страница, детално се предвидени сите општи услови за уредување и изгледот на отворениот простор и инфраструктурата.

Градоначалникот на Охрид ги повика сите архитекти и стручни лица од оваа област да покажат интерес и да се вклучат во мисијата за креирање нова слика на крајбрежјето.