Живот
8. September 2019 - 9:23

Новинарство и демократија

Гардијан – Лондон (авторски текст на американскиот сенатор Берни Сандерс и претендент за кандидат на Демократската партија за претседател на САД)

Волтер Кронкајт своевремено напиша дека „демократијата не може да функционира без новинарството“. Тој беше апсолутно во право, и затоа мора да одговориме на нападите што ги трпи денес новинарството – од страна на Волстрит, милијардерите, Силиконската долина и Доналд Трамп – и да преземеме конкретни мерки за да ги запреме. Вистинското новинарство се разликува од озборувања, пропаганди и „кликомамење“, кои доминираат во вестите денес. Вистинското новинарство, според зборовите на Џозеф Пулицер, е напорна известувачка работа, која „се бори за напредок и реформи, никогаш не толерира неправда или корупција и секогаш се бори против демагозите“.

Пулицер вели: „Новинарството секогаш мора да се спротивставува на привилегираните класи и ограбувачи на јавни пари; никогаш не смее да му недостига сочувство кон сиромашните; тоа секогаш мора да остане лојално на јавното добро; тоа никогаш не смее да биде задоволно со едноставно печатење вести; мора секогаш да биде целосно независно и никогаш не смее да се двоуми да ја нападне неправдата, како онаа во форма на предаторска плутократија, така и онаа која е во форма на предаторска сиромаштија.“

Кога имавме вистинско новинарство, имавме и разоткривање и соочување со злосторства како Вотергејт, што доведе до антикорупциски реформи. Кога недостигаше вистинско новинарство, криминалите како што се измами со хипотеки поминаа незабележано и неказнето и на крајот доведоа до катастрофална економска криза што ги уништи животите на милиони Американци.

Вистинското новинарство бара значителни финансиски ресурси. Една од причините зошто денес немаме доволно вистинско новинарство во Америка е тоа што на многу медиуми им се скратени средствата од страна на истите оние кои ја ограбуваат нашата економија.

На пример, две корпорации од Силиконската долина – Фејсбук и Гугл – контролираат 60 отсто од целиот пазар на дигитално рекламирање. Тие ја искористија монополската позиција за на медиумите да им ги одземат приходите од рекламирање. Истражувањето што неодамна го спроведе Алијансата за медиуми открива дека во текот на 2018 година приходите од печатот се намалиле, додека истовремено Гугл заработи 4,7 милијарди американски долари од известувања за кои воопшто не платил.

Во исто време, корпоративни конгломерати и мршојадци од хеџ фондови ги изнакупија и консолидираа осиромашените локални весници и ги опустошија нивните редакции – а за сето време им исплаќаа огромни приходи на менаџерите. На пример, предложеното спојување на Ганет со Гејтхаус медија ќе стави стотици изданија под контрола на една мегакорпорација и ќе ја укине „синергијата“ во вредност од 300 милиони американски долари – што е корпоративен еуфемизам за отпуштања од работа. Мет Пирс, известувач на Лос Анџелес тајмс, констатира дека „новиот извршен директор на Ганет/Гејтхаус уште првиот ден на работа ќе добие четири и пол милиони долари во бонуси и акции“.

Овие трендови резултираа со десеткување на новинарството. Во текот на последните 15 години, повеќе од 1.400 заедници низ целата земја ги загубија своите локални весници, на кои во известувањето се потпираа локалните телевизии и радиостаници, како и дигиталните портали за вести. Од 2008 година, новинските редакции изгубија повеќе од 28.000 вработени – и само во текот на изминатата година се отпуштени 3.200 медиумски работници. Денес, на еден новинар има шестмина луѓе кои работат во ПР, неретко туркајќи некоја корпоративна приказна.

Токму во моментот кога ни требаат повеќе новинари да пишуваат за кризата во здравството, за климатските промени и економската нееднаквост, телевизиските пропагандисти добиваат десетици милиони долари за да брборат за фриволни политички озборувања, додека локалните весници се уништуваат.

Негативните последици од овие трендови лесно може да се предвидат: како што забележува заедничката студија на Универзитетот Нотр Дам и Универзитетот во Илиниос, кога новинските редакции се празнат, вкупната цена што ја плаќаат даночните обврзници расте, бидејќи има сè помалку новинари ги контролираат владините трансакции. Истражувањето што го спроведе организацијата Фокус на сиромаштијата откри дека, и покрај тоа што милиони Американци едвај врзуваат крај со крај, редакциите со мали буџети упорно го игнорираат проблемот.

За волја на вистината, кога ќе го прочитаме експозето на Мајами хералд за Џефри Епстајн или смелото известување на Чарлстон газет мејл за кризата со опијатите, знаеме дека добрите репортери сепак успеваат да ги надминат пречките и да произведат квалитетно новинарство, кое ја контролира моќната, неоткриена корупција и ја доведува во прашање статус кво ситуацијата. Но, ние исто така знаеме дека овие успеси премногу често се исклучок, наместо да бидат норма.

Исто така знаеме дека благодарение на Доналд Трамп работите се влошуваат. Трамп е патолошки лажго, кој за време на неговиот мандат упорно ги демонизираше новинарите кои се осмелуваа да ги разобличат неговите лаги. Работата да биде полоша, тој ги нарече новинарите „непријатели на народот“, во намерен обид да се уништи самата идеја за слобода на печатот.

Авторитарното вознемирување на медиумите е целосно неприфатливо и мора да биде осудено и отфрлено. Но, не правете грешка: тоа само по себе нема да ја реши кризата во новинарството. Дури, понатамошното проширување на олигархиските деловни модели во медиумската индустрија би можело да ги влоши работите.

Денес, по децении консолидација и дерегулација, еден грст компании контролираат сè што гледате, читате или преземате од Интернет. Имајќи го тоа предвид, не треба да дозволиме уште поголем дел од слободниот печат да падне под контрола на неколку корпорации и „добронамерни“ милијардери, кои можат да ги користат своите медиумски компании за да ги казнат критичарите и да ги скријат своите активности од јавна контрола.

Не треба да изненадува што телевизиските станици кои зависат од фармацевтски реклами вредни четири и пол милијарди долари на годишно ниво објавуваат розова слика за нашиот дисфункционален здравствен систем – но никогаш не дозволуваат правична презентација на предлози како универзална здравствена заштита, иако анкетите покажуваат дека убедливо мнозинство Американци го поддржуваат ваквиот предлог.

Корпоративните медиуми, спонзорирани од реклами за фосилни горива, со задоволство ќе обезбедат платформа за гостите да потенцираат дека нашата олигархиска економија е навистина одлична; меѓутоа, истражувањата покажуваат дека овие медиуми често ја минимизираат важноста на климатските промени како резултат на дејствувањето на нивните спонзори.

Медиумските платформи во сопственост на Дизни и Џеф Безос ќе бидат подготвени да ги промовираат филмовите на Дизни и плановите за истражување на вселената на Безос, но не можеме од нив да очекуваме доследно и агресивно да известуваат за борбите на работниците во Дизни или Безос за подобра плата. Всушност, во еден случај видовме дека „Вашингтон пост“, дневен весник во сопственост на Безос, се обиде да казни новинар кој побара зголемување на платите во овој весник.

Ние треба да го обновиме и заштитиме разновидниот и вистински независен печат, така што вистинските новинари ќе можат да ја извршат критичката работа што ја сакаат и тоа е неопходно за функционална демократија.

Кога ќе станам претседател, мојата администрација ќе спроведе мерки со кои ќе се реформира медиумската индустрија и ќе се обезбеди подобра заштита за независно новинарство, како на локално така и на национално ниво. За почеток, ќе ставиме крај на обидите на администрацијата на Трамп да ја олеснат консолидацијата на корпоративните медиуми. Нема да одобруваме предлози како што е новиот план за спојување на Си-би-ес и Вијаком во гигант вреден 30 милијарди американски долари. Долго се спротивставував на консолидацијата на медиумите и бев еден од само 16 члена на американскиот Конгрес кои се спротивставија на катастрофалниот Закон за телекомуникации од 1996 година, кој го забрза овој процес.

Мојата администрација ќе стави итен мораториум за одобрување на спојувањето на големите медиумски корпорации, кој ќе остане во сила се додека не се знаат вистинските последици од овие трансакции за нашата демократија. Во духот на постојните федерални закони, ќе бараме од големите медиумски корпорации да откријат дали нивните трансакции вклучуваат големи отпуштања на новинари.

Исто така, ќе бараме вработените да добијат можност да откупат медиумски платформи преку акции пред да дојде до какви било идни спојувања – што е иновативен бизнис-модел, првпат тестиран токму во новинската индустрија. Во федералните агенции ќе спречиме решенија за медиумска консолидација и дерегулација, кои можат да имаат негативни последици за малцинствата и жените.

Според Слободен печат, непрофитната група за набљудување на медиумите: „Жените и расните малцинства се недоволно застапени меѓу носителите на лиценци за радиодифузија“. Оваа група посочува дека ова се должи на фактот дека Федералната комисија за комуникации (ФЦЦ) одобри спојувања на медиумските компании без „да се размисли како таквата концентрација на сопственост влијае на шансите на жените и расните малцинства“.

Кога нашата администрација ќе назначи ново, прогресивно раководство во ФЦЦ, ќе ги поништиме сите досегашни решенија на администрацијата Трамп кои се закануваат на традиционалните правила за сопственост на медиуми. Трамп дозволи истовремена сопственост над весници, телевизиски и радиостаници; исто така, тој одобри поседување  повеќе ТВ-станици на ист пазар. Штетата од овие одлуки би можела да биде огромна. Во теорија, пишува Слободен печат, овие измени би овозможиле еден радиодифузер истовремено да ги поседува вашиот локален весник и вашите две најголеми локални ТВ-станици и да управува со неколку други станици преку договори за учество – претворајќи ја вашата заедница во град само со една редакција“.

Ние ќе го сториме токму спротивното: повторно ќе ги воспоставиме и зајакнеме правилата за сопственост над медиуми и ќе го ограничиме бројот на станици што ќе можат да бидат во сопственост на големи корпоративни радиодифузери. Ние, исто така, ќе им наложиме на федералните агенции да го испитаат влијанието на консолидацијата во печатените, телевизиските и дигиталните медиуми, за да утврдат дали е потребно дополнително дејствување против монополите.

Освен тоа, ќе го спроведеме Планот за демократија на работното место, кој ќе ги зајакне храбрите напори на медиумските работници да формираат синдикати и колективно да преговараат со работодавците. Повеќепати јавно ги поддржував напорите на новинарите да формираат синдикати. Не само што синдикатите се борат за платите и придонесите на медиумските работници, туку тие можат подобро да ги заштитат вработените од корпоративната политика насочена кон спречување на новинарите да ги истражуваат сопствениците на медиумите и нивните огласувачи.

Конечно, кога станува збор за Силиконската долина, ќе назначам нов јавен обвинител, како и функционери на Федералната трговска комисија, кои построго ќе ги спроведуваат антимонополските закони против интернет-гигантите како Фејсбук и Гугл, за да ги спречат да ја користат својата огромна пазарна моќ за канибализација и измама на новинските организации. Монополската моќ на овие гиганти особено им наштети на малите, независни медиумски платформи, кои немаат корпоративна инфраструктура што би им овозможила да се одбранат.

Исто така, треба да најдеме нови начини за да се поттикнат медиумските организации за колективно преговарање со монополистите на интернет, а треба да размислиме и за воведување даноци на таргетирани реклами, како и користење средства од овие даноци за финансирање непрофитни медиуми, насочени кон заштита на јавните добра. Ова би бил дел од еден поширок проект за значително зголемување на фондовите за финансирање јавни медиуми кои собираат вести на локално ниво – на начин на кој многу други држави веќе финансираат независни јавни медиуми.

Првиот член на нашиот Устав експлицитно ја штити слободата на печатот, бидејќи основачите ја разбираа важноста на новинарството за демократијата. Не можеме да дозволиме повеќе од два века по потпишувањето на Уставот, корпорации, милијардери и демагози да ја уништат „четвртата гранка од власта“ ниту, пак, можеме да дозволиме да го заменат сериозното известување со „инфозабава“ и пропаганда.

Мора да ги преземеме вистинските чекори – и ако тоа го направиме, знам дека ќе успееме. Можно е да се обноват медиумите за кои сонувале Волтер Кронкајт и Џозеф Пулицер и кои на Америка ѝ се потребни денес повеќе од кога било досега. Тоа е она што ќе го направиме.