Свет
11. јуни 2026 - 10:09

Невреме со урагански ветер и град ја зафати Словенија

Невреме проследено со урагански ветер и локални врнежи од град синоќа зафати делови од Словенија.

Според податоците од Центарот за известување при Управата за заштита и спасување на Република Словенија, низ целата земја се регистрирани над 400 интервенции поради силнoто невреме со обилни врнежи од дожд, интензивни налети на ветер и прекини во снабдувањето со електрична енергија.

Најмногу интервенции имале пожарникарите во регионот на Љубљана, каде се регистрирани 152 случаи, 102 интервенции во Крањ и 39 во Целје. На терен биле ангажирани 161 пожарникарска единица, од кои седум професионални.

Најзасегнати подрачја се општините Коменда и Церкље во Горенскиот регион. Снимки од значајни штети предизвикани во селото Клањец објави и министерот за земјоделство, Јанез Циглер Крал.

Во некои делови од земјата утрово се уште нема електрична енергија, вклучително и во поширокото подрачје на главниот град. Во одредени општини се поплавени спортски и училишни објекти, а пожарникарите продолжуваат со расчистување на паднати дрвја.

Невремето со град зафати повеќе региони, при што екипи на доброволните противпожарни служби испумпуваа вода од поплавени простории и им помагаа на граѓаните да ги заштитат имотите, како и да се спречат дополнителни штети.

Во Горењскиот регион силниот ветер откорна покриви на повеќе објекти, а обилните врнежи предизвикале навлегување на вода во станбени и други згради. 

МИА

Ново на Сител