Несогласувања меѓу кредиторите и Грција
Техничките тимови на меѓународните кредитори на Грција денеска пристигнаа во Атина, на разговори со Владата за отворените прашања поврзани со третата програма за спас на земјата.
Шефовите на доверителите, кои требаше денеска да се вратат со истата мисија, ќе задоцнат и најверојатно ќе пристигнат следната или седмицата потоа. Тоа значи дека е можно да се забави и нивната оценка за спроведувањето на мерките од програмата, која е во вредност од 86 милијарди евра.
Доцнењето се објаснува со неколкуте нерешени прашања меѓу Атина и кредиторите, од кои едното се однесува на пензиските реформи кои ги предложи грчката Влада.
Кредиторите инсистираат на дополнителни намалувања на трошоците, бидејќи сметаат дека финансиската дупка тешко ќе може да биде покриена без нови мерки за штедење. „Катимерини“ пишува дека има несогласувања меѓу европските институции и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за овие мерки. Европските институции биле попустливи и сметале дека дупката во финансиите ќе биде околу 900 милиони евра, за разлика од ММФ, кој инсистира на нови мерки, бидејќи тврди дека таа дупка ќе изнесува 1,8 милијарди евра или еден отсто од БДП.
Грчката Влада инсистира на тоа да нема уште кратења на платите и пензиите и дека економијата на земјата не може да издржи повеќе даноци.
Официјален претставник на ЕУ за „Катимерини“ изјавил дека растечката политизација на јавниот сектор може да има негативно влијание врз перцепциите на пазарот и на оценката на грчката програма за помош.
Европскиот дипломат укажал на масовните отпуштања на менаџери во државни болници, додавајќи дека 60 од вкупно 72 директори биле принудени да поднесат оставка.
- Загрижен сум дека ова може да има негативно влијание врз перцепциите на пазарот и на повторниот пристап на Грција на пазарите, а со тоа, исто така, влијае и на оценката, рекол тој.
Шефот на Еврогрупата Јерун Дејселблум минатата недела исто така ги критикуваше политизираните назначувања во јавниот сектор и банките во Грција.
Ново на Сител
-
На западот на Австралија 160 насукани, а 26 угинати китови
-
Паднаа перките на познатата ветерница над клубот „Мулен руж" во Париз
-
Атлетико сака да ја продолжи соработката со Витсел
-
Шведските клубови се изјаснија против ВАР технологија
-
Олимпискиот оган попладневно во Атина ќе им биде предаден на организаторите на ЛОИ „Париз 2024“
-
ЛШ во ракомет: Барселона на чекор до полуфинале
-
Запленети фалсификувани производи во Нови Сад и Белград, меѓу кои има бисквити, детергенти и шампони
-
Токсикологија: Поплавени лекарски канцеларии, болнички соби, сметководство, амбуланта на ОРЛ...