Македонија
30. јуни 2022 - 19:28

Намалена затворската казна на Ангела Ѓорѓиевска за убиството на Пино

Апелациониот суд и ја намали казната на Ангела Ѓорѓиевска, осудена за убиството на Пино Секондо. Од првостепената пресуда каде е осудена на 19 години затвор, сега таа има три години помалку за лежење, односно 16 години затвор. За пресудата од Апелација обзнани Маја Трпковска, мајка на убиениот Пино. Ова е втора одлука на Апелација, откако претходно, ја укина пресудата и Кривичен ја досуди истата казна од 19 години затвор.

„Денес ја добив пресудата од судот Апелација на град Скопје за убиството на моето дете Пино. Една мајка на која и го убива детето не е задоволна никогаш, ќе бев задоволна ако ми го вратива детето назад живо и здраво. Не бев задоволна за два пати пресуда од 19 години и сега не сум задоволна. Јас тражам доживотен затвор за Ангела Ѓорѓиевска но сепак: Сакам да се заблагодарам на првостепениот суд од Град Скопје. Сакам да се заблагодарам на судот Апелација од град Скопје. Оваа пресуда од 16 години затвор за оваа девојка нема никогаш да ми го вратат Пино дома. Оваа девојка несмее никогаш слободна да се шета на земјава затоа што никогаш не се покаја за убиството што го стори заедно со Али Фуркан, може истото дело повторно да го стори и после некоја друга мајка да пати, да плаче и да се моли барем во сон да си го види синчето. Сепак сакам да кажам благодарам на судството во Република Македонија“, напиша мајката на убиениот Пино.

Адвокатот Sвонко Давидовиќ, бранител на осудената Ангела, при изрекување на првостепената пресуда кажа дека пресудата е донесена на „ти реков-ми рече“. Ѓорѓиевска е осудена за помагање при извршеното убиство на Пино. Телото на убиениот Пино беше пронајдено неколку месеци по убиството, во април 2019 година, кај местото наречено Башинец, во атарот на селото Љуботен.

Во бегство и натаму е Фуркан Али, обвинет дека го извршил убиството, користејќи пушка што ја носел со себе во автомобилот. Тој се гони за кривично дело убиство, но е недостапен за органите на правдата.

Според обвинението, осудената Ѓорѓиевска го повикала Пинета Секондо – Пино и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и Фуркан Али со возило „опел аскона“ носејќи со себе пушка. Тој го оставил возилото на насипот и седнал да управува со автомобилот „шкода“, со кое до насипот дошол Пино. На совозачкото место седнала Ѓорѓиевска, а Пино седнал на задното седиште.

Обвинителството тврди дека тројцата се упатиле по обиколницата кон атарот на селото Арачиново и во една нива почнале најпрвин вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент Фуркан Али со пушката го застрелал Пино Секондо во главата. Осудената Ангела Ѓорѓиевска придонела да се изврши убиството, така што овозможила Пино да се сретне со убиецот иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост.