Балкан
16. јуни 2022 - 8:52

На грчкиот остров Миконос 37 отсто од тестираните се позитивни

На грчките острови Миконос и Санторини 36,98 отсто, односно 25,32 проценти од направените тестови за Ковид-19 се позитивни во изминатата седмица, согласно официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ), за стапката на позитивност во периодот од 6 до 12 јуни 2022 година, јави дописничката на МИА од Атина.

За разлика од една седмица претходно, на Миконос има зголемување за 14 отсто на позитивните случаи (од 22,91 процент на 36,98 отсто), а на Санторини за два отсто.

Според стапката на позитивност, следи западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина со 16,33 отсто, островот Карпатос со 16,14 проценти, како и островот Милос со 15,7 проценти.

Со над десет проценти се и островите Парос, Андрос, Закинтос и Родос, како и центарот на Атина.

Во конкретниот период од седум дена стапката на позитивност во Грција е 6,18 проценти, од вкупно 556.948 лабораториски тестови (ПЦР и рапд), наспроти 4,88 отсто пред една седмица.

Националната организација за јавно здравје на Грција еднаш седмично, заедно со дневните податоци за новозаразени, починати и хоспитализирани, ја објавува и стапката на позитивност на седумдневно ниво.

Од почетокот на пандемијата во земјата се потврдени 3.517.898 случаи на Ковид-19, се проценува дека има 144.221 реинфекции што е 3.9 отсто од вкупниот број на позитивни резултати, а починаа вкупно 30.049 лица.