Македонија
23. May 2016 - 14:42

Молебен за сесловенските просветители Кирил и Методиј во Кочани

Во организација на Брегалничката епархија и кочанското архиерејско намесништво, во големата сала на Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани денеска се одржа молебен посветен на сесловенските браќа Кирил и Методиј.
 
Во присуство на ученици, просветни работници и граѓани обраќање имаше Митрополитот Брегалнички господин Иларион.
 
- Празнувањето на сесловевснките просветители  е наша обврска да ги славиме нашите учители кои ни ја дале азбуката и писменоста.Со нивна помош ние и денес сме свои на своето, со  своја азбука, писмо јазик. Учењето во Бога од мали нозе е обврска на нашата православна Црква да ги прима своите чеда во своите редови, истакна митроплитот Иларион.
 
Тој посебно се осврна на изучувањето на предметот „Етика во религиите“ кој, според него,  ги дава очекуваните резултати кај младата популација.
 
Овој предмет се покажа како корисен и ги оправда нашите очекувања, за што, потенцираше митрополитот Иларион, предметот „Етика во религиите“ ќе се изучува и понатаму во 6 одделение во основното образование.
 
На молебенот во Кочани беше изведена културно уметничка програма со настап на ученици од кочанските основни училишта кои го изучуваат предметот „Етика во религиите“, како и хорот„Свето Благовештение“ при црковниот храм „Свети великомаченик Ѓорги“ од Кочани.