МОФ: Студентите избраа свои претставници во рамки на факултетите, Универзитетското собрание допрва ќе се формира

Генерално, студентските избори на УКИМ кои се одржаа во ноември, односно декември, годинава, беа спроведени без посериозно нарушување на изборниот процес, со исклучок на недостиг на изборен материјал на неколку од гласачките места (недоволно гласачки ливчиња, импровизирани паравани и нетранспарентност на гласачките кутии). На два факултети се прегласуваше: Факултетот за дизајн и технологија на мебел и ентериер и Филозофскиот факултет.
Ова го соопшти денеска Младински образовен форум, кој во рамки на проектот Ангажирање на младите за студентски и младински политики спроведе мониторинг на студентските избори на УКИМ. За таа цел, наведуваат, тим од 25 набљудувачи помина обука за набљудување и беше присутен на избирачките места во периодот од 15-ти ноември до 20-ти декември.
-Секој од факултетите имаше изборна комисија составена од најмалку двајца професори и двајца студенти. Од јавно достапните информации и спроведеното теренско набљудување на студентските избори, вкупно 25 444 студенти имаа право на глас на овие студентски избори. За жал, не сите факултети објавија податоци за излезноста на студентите, па од достапните информации на 11 факултети, на кои студираат 59 отсто од студентите со право на глас, излезноста е 14.09 отсто. Оваа релативно ниска излезност се должи на незапознаеноста на студентите со изборниот процес, недостаток од мотивација да се вклучат во студентските тела и кусите рокови за поднесување на кандидатури на студентите и пречистување на избирачкиот список, посочуваат од МОФ.
Иако Универзитетското собрание сè уште не е формирано поради развлекувањето на изборите на 23-те факултети во рамки на УКИМ, факултетските собранија бројат 390 студентски претставници кои во наредната година ќе се обидат да ги застапуваат интересите на студентите.
МОФ дава и препораки за подобрување на следните избори во насока на одржување на изборите на сите факултети во пократок период со цел навремено започнување со работа на универзитетското и факултетските собранија, обезбедување подолг временски период за поднесување на кандидатури од заинтересираните студенти, но и точно, навремено и детално објавување на резултатите од спроведените избори.
Потребна е, оценуваат од МОФ, и поголема логистичка поддршка од УКИМ на гласачките места на факултетите и ставање на студентското организирање на листата на приоритети на факултетите со што ќе се поттикне поголема вклученост и поголема излезност на студентските избори.
По повеќе од три години, УКИМ распиша и спроведе избори за студентски претставници преку кои гласот на студентите ќе биде слушнат во рамките на факултетите и универзитетот.
Ново на Сител
-

Девет пријави за семејно насилство за 24 часа во државата, четворица приведени
-

Нето платата во април 48.779 денари
-

Утре нестабилно време, сончев и топол викенд во најава
-

Полицајци од Македонија, Косово, Црна Гора и Италија ќе патролираат по албанското крајбрежје за безбедна туристичка сезона
-

Заврши средбата Гаши-Доцова во Софија: Неопходно е продолжување на дијалогот на парламентарно ниво
-

Претрес во Росоман, пронајдена дрога, лишено од слобода едно лице
-

Детската клиника во Скопје со најниска стапка на смртност во историјата на Клиниката
-

Мицкоски: Граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најквалитетни производи по оптимално најниски цени
