Македонија
10. October 2019 - 12:02

Милион долари за општините за изработка на проектни документации

Со поддршка на УНДП и шведската влада, македонските општини за следната година ќе имаат на располагање еден милион долари за финансирање изработка на технички документации. Со нив општините ќе може да аплицираат за финансиски средства до Министерството за локална самоуправа, ИПА фондови и до други донатори, изјави денеска министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Отворениот јавен повик за финансирање проектна документација за општините за изградба и реконструкција на инфраструктурна мрежа и на јавни објекти го презентираа министерот Милевски, амбасадорката на Кралството Шведска Кристин Форшгрен Бенгстон и постојаната претставничка на УНДП Нарине Сахакјан.

– Ова е прва информативна работилница за неколку плански региони, каде УНДП со поддршка на шведската влада ќе даваат финансиски средства од еден милион долари за следната година за да се финансираат изработки на технички документации со кои општините ќе може да аплицираат за финансиски средства, како до Министерството за локална самоуправа, така и до ИПА фондовите и до други донатори. Многу од општините немаат капацитет да изработат соодветна техничка документација и тоа е причината што дел од проектите им се одбиваат, рече Милевски. Потсети дека ресорното Министерство годинава финансира над 100 проекти во вредност од седум милиони евра, а следната година, како што рече, се планира да финансираат дополнително бидејќи ќе има зголемен износ на средства што се предвудуваат со новиот буџет.

Шведската амбасадорка во нашата земја Кристин Форшгрен Бенгтсон изјави дека Шведска е долгорочен поддржувач на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Посочи дека обезбедуваат политичка поддршка и развој на соработка, на ниво на целата земја и на локалните заедници.

– Како некој што доаѓа од мало село, сметам дека поддршката на локалните самоуправи е исто така важна на ниво на целата земја. Во таа насока го поддржуваме и овој проект кој ќе биде спроведен од УНДП, рече Форшгрен Бенгтсон.

Постојаната претставничка на УНДП во нашата земја Нарине Сахакјан рече дека согледуваат оти општините се обидуваат да го подобрат животот на граѓаните, но им недостогаат човечки ресурси за да утврдат кои се потребите и тоа да го претворат во проекти. Им недостигаат и средства за подготовка на техничка документација, која е неопходна за пристап до одредени фиансиски инструменти.

– Шведската Влада обезбеди финансиски средства за воспоставување на овој Фонд за техничка документација. Фондот ќе има еден милион американски долари и целта е да ја поддржи подготовката на техничката докуменатција од страна на општините, рече Сахакјан. Изрази надеж дека на крај ќе можат да финансираат од 45 до 50 проекти. Општините сами ќе имаат можност да одберат каков вид на проекти да бидат финансирани. Тие ќе треба да се изберат на партиципативен начин со учество на општинските Совети. Она што очекуваме, како што рече, е да се изберат инфраструктурни проекти, за патишта, пречистителни станици за отпадни води, осветлување, проекти за животната средина, климатските промени…