Мицкоски ќе го добие мандатот ден пред истекот на рокот

На ден пред истекот на крајниот рок се очекува претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова да му го додели мандатот за формирање на нова влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека владата ќе биде формирана согласно уставните рокови, а од коалицијата „Вреди“, со која ВМРО-ДПМНЕ преговара, очекуваат за три до четири дена да има конечен договор.
Рокот за доставување на мандатот завршува в петок, на 7 јуни, откога почнуваат да течат дваесетте дена за формирање на владата.
- Можно е и порано да се додели мандатот. Се зависи од ситуацијата. Уставот вели 10 дена и потоа 20 дена за да се состави владата. Јас ќе ги проучам термините, изјави вчера претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова во одговор на новинарско прашање пред почетокот на панел дискусијата „Европската Унија како предизвик и предизвиците на Европската Унија: Европа 74 години после Шумановата декларација”.

Во меѓувреме, течат преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ за формирање на новата влада. Иако поделбата на ресори веќе е објавена и неофицијално се споменуваат имиња на новите министри, сепак, се уште нема официјална информација кога ќе биде финализиран конечниот договор за формирање влада.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски вчера изјави дека според неговите очекувања новата влада би можела да биде формирана малку порано од крајниот рок, но дека се уште се во тек разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.
- Како што знаете мандатарот, односно претседателот на ВМРО - ДПМНЕ се уште формално го нема земено мандатот, што значи течат уставните рокови. Тоа што би можел во овој момент да го кажам е дека согласно уставните рокови ќе биде формирана новата влада, рече Муцунски, кој присуствуваше на истиот настан со претседателката Сиљановска Давкова.

Арбен Таравари, кој е дел од коалицијата „Вреди“ која преговара со ВМРО-ДПМНЕ за составување на нова влада, вчера истакна дека главните точки на владината програма се координирани и дека очекува за три до четири дена да има конечен договор. Прашан дали ќе биде старо нов министер за здравство, тој одговори „најверојатно да“.
Доколку Сиљановска Давкова утре го додели мандатот, рокот од 20 дена за формирање Влада истекува на 25 јуни. Партиски извори за МИА, велат дека Собранието би можело и порано да ја изгласа новата влада.
За Владата да биде изгласана потребно е апсолутно мнозинство од најмалку 61 пратеник од вкупно 120 - члениот Парламент.
Во Собранието, пак, се прават подготовки за измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа за да може да се изгласа новата реорганизирана влада и да се изберат нејзините членови. За да се донесат измените на овој закон потребно е двотретинско мнозинство или 80 пратеници, а според сегашната математика, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (58) со Вреди (14) и ЗНАМ (6) заедно имаат 78 пратеници.

ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма „Платформа 1198“, најави реорганизација на министерствата. Новина ќе бидат отворањето на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што досега било само сектор во Министерството за економија, и трансформација на Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт. Секторот млади треба да влезе во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ресорот труд да влезе во Министерството за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура. Министерството за информатичко општество и администрација треба да стане Министерство за дигитална трансформација.
Ново на Сител
-

ОЈО ГОКК побара притвор за Јованов во истрага за поткуп за лиценца - Судот ќе одлучува утре
-

Медицински факултет: Избраните кандидати беа далеку подобро рангирани од д-р Василевски - не беше доведен во понеповолна положба
-

Обвинителството бара нови мерки за Дејан Јованов, Кривичен суд ќе одлучува утре
-

Осуденичка од САД преживеала егзекуција - не ја усмртиле ниту две дози смртоносна инјекција
-

Советот на Град Скопје донесе одлука за намалување на бројот на предвидените нови вработувања во јавните претпријатија и установи
-

Од денеска до 5 октомври пријавување за субвенциониран студентски оброк
-

Цар Самоил добива саркофаг од македонски мермер со натпис „Самоил во Христа Бога, цар на Бугарите“
-

Неверојатен случај во Фиџи: 40 килограми кокаин чувани како доказ во суд исчезнале и биле заменети со брашно
