Свет
31. August 2017 - 12:36

Меј: Не сум британски премиер само за Брегзит

Британската премиерка Тереза Меј, која е во тридневна посета на Јапонија, изјави во Кјото дека ќе биде на функцијата и за следните парламентарни избори во 2022 година.

- Не сум на функцијата привремено, само за да го спроведам Брегзит, туку на подолг рок, изјави Меј за Би-Би-Си.

Во разговорот, таа порача дека нејзината работа не се сведува само на тоа да се постигне успешно и уредно повлекување на земјата од членството во ЕУ, туку  и да се определи местото на Велика Британија во светот, како и да се исправат  некои домашни,  британски „неправди“.

Изјавата на Меј е нова порака, овој пат испратена од странство, до домашните политички противници, пред се, во нејзната Конзервативна партија дека таа нема намера да поднесе оставка или да се повлече од функцијата пред да  истече нејзиниот сегашен мандат.

Меј влезе во Даунинг стрит 10 како премиер откако го  наследи Дејвид Камерон, по неговата оставка по поразот на референдумот за ЕУ минатата година. 

Остана на функцијата и по предвремените парламентарни избори на осми јуни годинава, што таа ги распиша на кој  го загуби дотогашното мнозинство што го имаа конзервативците во британскиот Парламент.

Неуспехот на изборите за кои најавуваше „триумф на ториевците“ ја присили да формира малцинска Влада, која во Парламентот сега зависи од гласовите на десетмината пратеници на северноирската Демократска унионионистичка партија (ДУП) и го отвори прашањето за нејзниното останување како лидер на партијата и британски премиер.

Со мандатот добиен на јунските избори, таа може да биде во Даунинг стрит 10  до јуни 2022 година, кога е редовниот термин за нови избори, но десницата во нејзината партија и понатаму притиска Меј да се повлече од функцијата, обвинувајќи ја за изборниот неуспех.

Прв тест за нејзината позиција во партијата ќе биде редовната есенска партиска конференција, на почетокот од октомври.

Во бртанската политичка јавност и натаму се верува дека Меј ќе се повлече од фунцијата во летото 2019 година, откако Велика Британија формално ќе излезе од ЕУ.