Македонија
11. November 2015 - 9:59

„Макро и микро стратегии за развој“ - прв дипломатски форум на ЦЕИ во Скопје

„Макро и микро стратегии за развој ‒ Зајакнување на дипломатските капацитети на регионот на ЦЕИ“ е темата на денешниот Прв дипломатски форум на ЦЕИ, кој се одржува во рамки на македонското претседавање со Централно-европската иницијатива, а е под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.

На свеченото отворање на форумот, што се одржува во согласност со една од стратешките цели на ЦЕИ, имплементација на мали и средни проекти, ќе се обрати претседателот Иванов.

На тридневниот форум ќе учествуваат над 50 млади дипломати од земјите-членки на ЦЕИ од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Украина, Црна Гора, Унгарија, Србија, Австрија, Бугарија, Албанија и од Чешката Република,  како и членови на Иванов Школата за лидери – Алумни Асоцијација (ИСЛАА). Меѓу предавачите на годинешниот форум се експерти и универзитетски професори од земјава и од странство од областа на економијата, економетријата, политиката и дипломатијата.

Република Македонија оваа година по вторпат претседава со Централно-европската иницијатива, продолжувајќи го поставувањето, подобрувањето и промоцијата на стратешките цели на ЦЕИ, како што се поддршка на државите-членки на нивниот пат кон европската интеграција, промоција на усогласувањето на државите-членки на ЦЕИ со стандардите на ЕУ, имплементација на мали и средни проекти и отвореност за конверзија на конструктивни идеи во иновативни резултати. Основана во 1989 година, ЦЕИ претставува регионален меѓувладин форум посветен на поддршката на европската интеграција преку соработка меѓу државите-членки.