Иницијатива за законски измени, родителите на деца со попреченост да добијат статус ,,родител негувател“
Родителите на децата со попреченост да добијат официјален статус на „родител негувател“, а нивните права да се изедначат со правата на згрижувачките семејства. Ваква иницијатива покрена Здружението за помош и поддршка на лицата со Даунов синдром и нивните семејства ,,Вера,, од Струмица.
Според претседателката на здружението Анче Туфекчиева целта е да се направат измени во Законот за социјална заштита кои ќе им овозможат на родителите на деца со попреченост да остварат право на минимална плата и придонеси.
Туфекчиева, која е мајка на девојче со Даунов синдром, вели дека предложените измени во Законот за социјална заштита се од суштинско значење. Таа посочува дека најголемиот дел од родителите на овие деца се принудени да се откажат од своите работни места, бидејќи децата имаат потреба од 24-часовна грижа. Без плата, без здравствено осигурување, без право на пензија тие живеат на раб на егзистенција. Единствената поддршка што ја добиваат биле 7.800 денари како посебен додаток.
Од здружението „Вера“ најавуваат дека предлог-измените на законот ќе бидат презентирани на трибина, но и пред пратениците од струмичкиот регион од кои очекуваат поддршка. По оваа прва фаза, ќе следи иницијатива за собирање потписи од граѓаните за поднесување на предлог закон до Собранието на Република Македонија.
-
Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар