Кремљ: Преговорите за Украина сè уште се во рана фаза

Кремљ соопшти дека разговорите меѓу Русија, Украина и Соединетите Американски Држави за ставање крај на војната остануваат во рана фаза, предупредувајќи дека не треба да се очекуваат опипливи резултати.
-Би било погрешно да се очекуваат големи резултати, изјави денеска во Москва портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, осврнувајќи се на трилатералните разговори од минатиот викенд во Обединетите Арапски Емирати.
Руската државна новинска агенција Тас јави дека Песков изјавил дека темите за кои се разговарало во Абу Даби биле тешки, „но самиот факт што овие контакти почнаа конструктивно, мора да се гледа како позитивен“.
Во првите директни преговори меѓу завојуваните страни по неколку месеци, беше договорено само да се продолжат разговорите по една недела, а датумот сè уште не е одреден, пренесе ДПА.
Песков ги демантираше извештаите од американските претставници дека меѓу вклучените Украинци и Руси владеела речиси пријателска атмосфера.
-Тоа е тешко возможно во оваа фаза, рече тој.
Песков се повика на „формулата од Анкориџ“ која ги опишува руските интереси, што е референца за самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска во август 2025 година. Ниту еден договор од таа средба не е објавен во јавноста.
Русија бара повлекување на украинските трупи од делови на источниот регион Донбас кои сè уште се под контрола на Киев. Украинската влада го отфрла ова барање.
Германскиот безбедносен експерт Нико Ланге на Х напиша дека се чини оти Трамп во Анкориџ дал ветувања кои сега не може да ги исполни, поради што САД вршат притисок врз Украина да направи отстапки.
МИА
Ново на Сител
-

По дојава од ФБИ за закана за масовно убиство на Discord, уапсени две лица со арсенал оружје во Мала Речица
-

Кривична пријава против поранешна директорка на Клиничка болница Битола
-

Шест лица под истрага за запленетата марихуана во Србија
-

Од Дубаи екстрадиран 33-годишен бегалец по потерница на македонската полиција
-

Рама: Одборот за мир би можел да ги „размрда“ ОН на акција
-

Се огласи сопругата на градоначалникот на Скопје: Мојата чанта вреди 944 денари
-

Јаневска: Прифатливи се аргументирани забелешки за законот за високо образование
-

Метален профил усмрти 23-годишен работник од Велес на објект во изградба
