Македонија
13. November 2020 - 17:59

Ќе се реконструира старата прилепска чаршија и ќе се гради нова градинка

Нова детска градинка, реконструкција на Старата чаршија и покриен базен во прилепската населба „Точила“ се трите капитални проекти кои се столб на развојните програми на Прилеп за наредната, 2021 година. Овој план со развојни проекти го усвоија прилепските советници на денешната „онлајн“ седница на советот.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, споменикот на културата, старата прилепска чаршија ќе почне да се реконструира во март наредната година и ќе чини 50 милиона денари. И детската градинка ќе почне да се гради во март за да биде готова до крајот на годината.

– Во договор со сопствениците и со закупците на дуќаните, реконструкцијата на Старата чаршија, во зависност од временските услови, ќе започне кон крајот на февруари или почетокот на март. Реконструкцијата ќе чини 50 милиони денари, од кои 30 милиони ќе бидат исплатени во 2021, а останатите 20 милиони, во 2022 година. Изградбата на детската градинка, исто, ќе започне во месец март, а ќе заврши до крајот на наредната година. Станува збор за тригодишна програма, чија цена на чинење изнесува 133,5 милиони денари, кои ќе бидат исплатени во еднакви суми од по 44,5 милиони денари во следните три години. Слична е ситуацијата и со покриениот базен, проект вреден 140,1 милион денари, средства кои ќе се плаќаат во 2021, 2022 и во 2023 година, во три еднакви рати од по 46,7 милиони денари, објаснува Јованоски.

Прилепските советници дадоа „зелено светло“ за кварталниот извештај за извршување на буџетот на Општината, и тоа за третиот квартал од оваа година.

Прилепските советници се согласија со тримесечните извештаи за финансиското работење на јавните претпријатија „Водовод и канализација“ и на  „Комуналец“, за периодот од јули до крајот на септември годинава. Советниците го усвоија и финансискиот план за наредната година на прилепското јавно-комунално претпријатие  ЈКП „Комуналец“.

Советниците го усвоија заклучокот за примена на Уредбата со законска сила на законот за локална самоуправа за време на вонредна состојба и Уредбата со законска сила за дополнување на уредбата со законска сила на законот за локална самоуправа за време на вонредна состојба.