Советот на Град Скопје донесе одлука за намалување на бројот на предвидените нови вработувања во јавните претпријатија и установи

Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука со која се намалува бројот на предвидените нови вработувања во јавните претпријатија и установи на Град Скопје.
Со одлуката се прави оптимизација на бројот на вработени, со цел поодговорно управување со градскиот буџет и насочување на човечките ресурси кон работните места кои се директно поврзани со функционирањето на градот и услугите за граѓаните.
Приоритет ќе имаат теренските и оперативните позиции каде што постои реална потреба од дополнителен кадар – пред сè возачи во ЈСП, работници и возачи во ЈП „Комунална хигиена“, како и друг оперативен кадар неопходен за одржување на градските услуги.
Истовремено, административните позиции се сведуваат на минимум, со цел средствата и кадарот да бидат насочени таму каде што има најголема потреба – на улиците, во парковите, во јавниот превоз и во останатите услуги кои граѓаните ги користат секојдневно.
Од Градот посочуваат дека ова преструктуирање има за цел поефикасно работење, поодговорно управување со јавните средства и создавање услови за подобрување на клучните градски услуги.
Со новата политика, приоритет се дава на работните места кои директно придонесуваат за функционирањето на Скопје и секојдневниот живот на граѓаните.
Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук напиша дека драстично се намалуваат новите вработувања во Град Скопје.
- Секој денар од граѓаните мора да има јасна цел, а секое вработување вистинска потреба и конкретна работа. Скопјани заслужуваат јавен сектор кој ќе ја оправда нивната доверба со чисти улици, уредени паркови, редовен превоз и навремени услуги. Денес, на седницата на Советот на Град Скопје, е донесена одлука со која ставаме крај на децениските лоши практики на неконтролирано натрупување на администрацијата и дополнително оптоварување на градскиот буџет. За првпат досега, во сите јавни претпријатија и установи се предвидуваат помалку нови вработувања. Истовремено, вкупниот број вработени, особено во јавните претпријатија, се намалува по законски основи. Ова е реална оптимизација, со цел поефикасно работење и поодговорно управување со парите на скопјани - потенцира градоначалникот.
Како што нагласува тој, приоритет имаат луѓето што секојдневно ги обезбедуваат услугите од кои зависи градот - возачи во ЈСП, работници и возачи во ЈП „Комунална хигиена“ и оперативен кадар таму каде што навистина недостига.
- Најголемиот дел од предвидените нови вработувања се за луѓе кои ќе работат на терен и директно ќе им служат на граѓаните, додека административните позиции се сведени на минимум. Потребите на улиците, парковите и јавниот превоз конечно го добиваат приоритетот што го заслужуваат - посочува градоначалникот.
Ѓорѓиевски наведува дека со ова историско преструктуирање се насочуваат средствата и кадарот таму каде што се најпотребни за функционирањето на Скопје. - Го штитиме буџетот и создаваме услови за подобри услуги. Времето на пренатрупување на администрацијата и оптоварување на граѓаните го оставаме зад нас. Воведуваме ред, одговорност и работа што се гледа. Скопјани заслужуваат функционален град. Секое работно место мора да придонесува за тоа, а секој потрошен денар да биде оправдан пред граѓаните - потенцира скопскиот градоначалник.
МИА
Ново на Сител
-

Србија не поканила делегација на Европскиот парламент да ги набљудува парламентарните избори
-

„ВИ“ ги презема рутинските задачи на пазарот на трудот, работодавачите бараат „човечки“ вештини
-

Нетанјаху им се заблагодари на Трамп и Рубио за санкциите кон МКС
-

Тинекс останува Тинекс!
-

Акциски контроли на возачи на велосипеди, мопеди, мотоцикли и електрични тротинети – констатирани 161 прекршок
-

Сообраќајка на влезот на Скопје - километарски колони на возила
-

ПЕТ центарот ќе работи и за викенд
-

Невреме со пороен дожд и засилен ветер, од понеделник пад на температурите
