Кина почна нови воени вежби околу Тајван

Пекинг почна воена вежба од големи размери околу островот Тајван, јави денеска државната новинска агенција Синхуа, повикувајќи се на кинеската војска.
Под кодното име „Мисија Правда 2025“ (Justice Mission 2025), вежбите се спроведуваат во морските зони и воздушниот простор околу Тајван. Ова се првите големи кинески воени вежби во близина на Тајван од април минатата година.
Според државните медиуми, фокусот е ставен на патроли за борбена подготвеност, постигнување сеопфатна супериорност и блокирање на клучните пристаништа и области.
Воениот портпарол, Ши Ји, ги опиша вежбите како предупредување до сепаратистичките сили за „независност на Тајван“ и до надворешното мешање, пренесе Синхуа. Ши изјави дека вежбите се легитимна и неопходна мерка за заштита на кинескиот суверенитет и националното единство.
Во посебна изјава, Народноослободителната војска на Кина најави и дека ќе одржи вежби со боево гаѓање во пет одредени зони околу Тајван почнувајќи од вторник, советувајќи ги бродовите и авионите кои не се вклучени во вежбите да ги избегнуваат тие области.
Објавата следува по обновените тензии со САД, откако Вашингтон најави рекорден пакет вооружување за Тајван во вредност од 11,1 милијарди долари.
Кинеските сили спроведуваат вежби со воени бродови и авиони во регионот речиси секојдневно. Пекинг ја смета оваа островска држава за дел од својата територија и се стреми да го стави Тајван под своја контрола – ако е потребно, и со воени средства, потсети ДПА.
Тајван остро ги осуди кинеските воени активности.
– Постапките на Кина не само што брутално ги поткопуваат постоечката безбедност и стабилност во Тајванскиот Теснец и Индо-пацифичкиот регион, туку претставуваат и отворен предизвик за меѓународното право и меѓународниот поредок, изјави портпаролката на претседателскиот кабинет на Тајван, Карен Куо.
Куо додаде дека тајванските вооружени сили и безбедносните власти направиле темелни подготовки за ситуацијата и оти целосно ги следат сите случувања.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп: Американските сили ќе се повлечат од Иран „многу брзо“
-

Алиу: Предлог-законот за заштита од пушење наредната недела на Влада, синхоринизирани сме со сите институции
-

Сиљановска Давкова и Милатовиќ: Македонија отсекогаш имала реформски капацитети, потребна е политичка волја во ЕУ за забрзување на процесот на проширување
-

Средба на Мицкоски со Милатовиќ: Продолжуваме да градиме мостови на пријателство, стабилност и заеднички напредок
-

Малолетничка нападната од две други девојчиња во парк во Ѓорче Петров
-

Мартин Саздов започнал љубовна врска со Ивана, Стојанче се заканувал дека ќе објави експлицитни видеа
-

Мицкоски: Јавноста очекува одговори како беа „оживеани“ предметите на СЈО, за 27 април, за модуларната болница во Тетово
-

Облачно и студено до недела, ветер и до 70 километри на час
