Свет
19. November 2023 - 21:41

Израелската армија соопшти дека открила тунел на Хамас под болницата Ал Шифа и дека загубила уште пет војници

Израелската армија денеска соопшти дека открила тунел на Хамас под болницата Ал Шифа во Појасот Газа и дека загубила уште пет војници во конфликтот со исламистичкото движење на палестинска територија, пренесуваат странските агенции.

Во коминикето се наведува дека утврдениот објект е долг 55 метри и се наоѓа на длабочина од 10 метри. Според израелската армија, тунелот бил користен „за терористички цели“.

„Стрмните скали водат до влезот на тунелот, опремени со неколку средства за заштита, вклучително и блиндирана врата“, соопшти израелската армија. Таа наведува дека „терористите на Хамас го користат овој тип на врати за да ги спречат израелските сили да влезат во (нивните) командни центри“.

Тунелот е откриен во болничкиот комплекс под хангар за оружје, меѓу кое и „фрлачи на гранати, експлозиви и автомати „Калашников“, наведува војската. 

Израелската армија, исто така, објави дека „дала уште пет жртви во конфликтот со Хамас“. Со ова вкупниот број израелски војници загинати од почетокот на војната во Појасот Газа пред шест недели достигна до 64.

Од средата, израелската армија ја пребарува медицинската установа, барајќи таму воена база на Хамас.

Според Светската здравствена организација, десетици пациенти остануваат во Ал Шифа, најголемата болница во Појасот Газа.