Иванов - Вујановиќ: Македонија и Црна Гора поскоро да влезат во НАТО за добро на регионот и на Алијансата

Македонија и Црна Гора треба што поскоро да ја добијат заслужената покана за членство во НАТО, која би била во интерес на регионалната безбедност и стабилност, но и на самата Алијанса, оценија претседателите на двете земји Ѓорге Иванов и Филип Вујановиќ денеска во Цетиње.
- Република Македонија незаслужено и спротивно на меѓународното право е блокирана во ЕУ иако сме земја-кандидат веќе десет години. Блокирани сме, исто така, и во НАТО и покрај 16-те акциони планови за членство, покрај учеството во сите мировни операции и покрај пресудата во Хаг во наша корист. Свесни сме дека ЕУ е соочена со сериозни предизвици поради состојбите во еврозоната, источното партнерство, мигрантската криза..., рече претседателот Иванов на заедничката прес-конференција.
Но и покрај тоа, додаде Иванов, Македонија очекува дека проширувањето на Унијата и на Алијансата, не само да продолжи, туку и да се забрза.
- Само на тој начин ЕУ може да биде посилна и поотпорна на предизвиците со кои се соочува. Само така нашиот регион ќе биде уште постабилен, попросперитетен и поразвиен, рече шефот на државата.
Вујановиќ истакна дека Црна Гора очекува покана за прием во НАТО на министерскиот состанок во декември и го реафирмираше ставот дека Македонија го заслужува членството уште пред седум години.
- Многу сме заинтересирани да се деблокира процесот на НАТО-интеграците на Македонија. Таа блокада која е последица од спорот со Грција трае многу долго. Ние во сите билатерални и мултилатерални активности истакнувавме дека тој процес треба да се деблокира и Македонија да го заврши она што требаше да го заврши во 2008 година во Букурешт и да добие покана. Целиот простор на Западен Балкан заслужува да биде дел од НАТО, кое како воено-безбедносна алијанса значи најдобра гаранција на безбедноста, истакна Вујановиќ.
Двајцата претседатели се согласни дека Македонија и Црна Гора имааат одлични пријателски односи, без отворени прашања и потврдени со голем број меѓудржавни договори. Сепак, сметаат дека економската не е во чекор со политичката соработка.
Иванов истакна дека разговарале за поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10.
- Ова е многу значаен патен инфраструктурен проект за Република Македонија и за регионот. Реално, доколку не сме патно и железнички поврзани, не можеме да очекуваме ниту завидна економска соработка. Само преку зголемена економска соработка можеме уште повеќе да ги зацврстиме односите меѓу нашите две земји, но и пазарите и капиталот со останатите држави од регионот, рече Иванов.
Според претседателот Вујановиќ, простор за економска соработка има во сите области, а најголеми шанси, како што рече, во туризмот и земјоделството, т.е. производството на здрава храна. Инфраструктурата е предуслов за соработка во економијата и во трговската размена.
- Сериозен хендикеп е лошата сообраќајна конекција на Црна Гора и Македонија. Тоа не може краткорочно да се совлада и претставува пречка за контакти на компаниите, луѓето и бизнисот и за подобра и квалитетна соработка, истакна Вујановиќ.
Според него, за контактите ќе придонесе и авиоповрзувањето, што може да се реализира со субвенциско мотивирање на нискобуџетни компании за чартер-летови.
Претседателите на денешната средба во Цетиње разговарале и за регионалната и мултилатерална соработка, како и за други прашања меѓу кои актуелната мигрантска криза.
Претседателот Ѓорге Иванов, кому ова му е втора официјална посета на Црна Гора, попладнево ќе има средби со премиерот и со претседателот на Собранието на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и Ранко Кривокапиќ, а утре во Подгорица ќе се обрати на црногорско-македонски бизнис-форум.
Ново на Сител
-

Тркалезна маса на тема: Подготвеноста на институциите за одговор на СММИ
-

Аудио снимки од повици за помош на починатата Ивана и од сведоци на тепањето, пуштени денеска во судница
-

Со снимки од пријавите за семејно насилство продолжува судењето против Стојанче Јовановски
-

Мнозинството не ги прифати пакет законите на СДСМ за заштита на животниот стандард на граѓаните
-

Преглед на вестите од светот
-

Заврши втората сесија од стратешкиот дијалог со САД
-

Конфликтите го менуваат туризмот
-

Главна дестинација за прилепчани за Велигден и понатаму е дома, но се зголемува бројот и на оние кои патуваат во странство
