Македонија
20. December 2017 - 17:15

Иванов прими ученици и наставници во пресрет на Денот на настава на турски јазик

Во пресрет на одбележувањето на Денот на настава на турски јазик - 21 декември, претседателот Ѓорге Иванов денеска прими ученици и наставници од основни училишта во кои се одржува настава на турски јазик во земјава, како и претставници од Сојузот на турски невладини организации - МАТУСИТЕБ.

Иванов, честитајќи им го празникот на припадниците на турската етничка заедница во Македонија, истакна дека турската заедница во Македонија и македонската заедница во Турција заедно имаат многу важна улога во развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.

Претседателот, како што соопшти неговиот Кабинет, посочил дека Турција е една од првите држави што ја призна независноста на Македонија. - Република Турција се покажа како стабилен поддржувач и пријател на Република Македонија. Најнапред со признавањето на независноста, а подоцна и со активната поддршка на нашиот евроатлантски пат, рекол претседателот Иванов.

Учениците и наставниците од основните училишта и претставниците од Сојузот на турски невладини организации – МАТУСИТЕБ, му се заблагодариле за претседателот Иванов за неговиот личен придонес за унапредување на турската култура и пријателските односи меѓу двете земји.